Неофашистичкото наследство на Златна зора повторно се активира на грчката политичка сцена

Шест години по судската пресуда со која грчката неонацистичка организација Златна зора беше прогласена за криминална организација, нејзиното криминално-политичко наследство повторно се обидува да се врати на политичката сцена, и тоа не преку маргинални собири, туку преку организирана политичка мобилизација, јавни настапи, нови политички формации и обиди за освојување изборна поддршка. Најновиот сигнал доаѓа од Солун, каде што стотици приврзаници на поранешниот истакнат функционер на Златна зора, Илијас Касидијарис, одржаа митинг.
Касидијарис, кој по излегувањето од затвор повторно се обидува да ја активира својата политичка база, на митингот јавно порача дека тие „се враќаат на сцена“ и дека се „политичка сила во подем“. Според оценките на грчките политички аналитичари, оваа политичка поддршка може да надмине пет проценти, што е повеќе од потребниот праг од три проценти за влез во грчкиот парламент, со дополнително предупредување дека неофашизмот повторно станува изборна сила во Грција.
Според анализата објавена на 30 октомври од европскиот медиум „Репортер“, политичкиот аналитичар и истражувач на јавното мислење Јоргос Трапалис предупредува дека поддршката за политичкото движење на Касидијарис може да го надмине тој праг. Ова, како што се наведува, не е само провокативна политичка изјава, туку обид за демонстрација на политичка сила и порака дека затворските казни, судските пресуди и законските ограничувања не успеале целосно да го уништат политичкиот потенцијал на средината од која произлезе Златна зора.
Она што е особено загрижувачко, според соговорниците, е што оваа радикална политичка енергија повторно се активира во средина во која македонскиот идентитет, јазик и културно организирање со децении се предмет на негирање, стигматизација и повремени напади. За Македонците во Егејска Македонија, враќањето на политичкото наследство на Златна зора е предупредување дека старите националистички и шовинистички рефлекси повторно можат да добијат и вонинституционална, но и институционална моќ.
Митингот во Солун, според изворите од Грција, претставува организирана политичка мобилизација на приврзаниците на поранешниот функционер на Златна зора, а не изолиран собир на неколкумина носталгичари. Со тоа, наследството на организацијата што беше прогласена за криминална продолжува да бара пат назад кон институционалната политичка арена, што претставува директна закана за македонското малцинство во Егејска Македонија.