10.11.2026 - Неметали Огражден АД Струмица - Други ценовно чувствителни информации
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Струмичкото друштво Неметали Огражден АД, заедно со придружното друштво, во извештајниот период од 1 јануари до 30 септември 2026 година не извршило промена на сметководствените политики во споредба со претходниот период, поради што податоците се споредливи, се наведува во образложението за резултатите објавено преку системот СЕИНет. Оперативните приходи во извештајниот период во однос на истиот период од претходната година се намалени за 8 отсто. Приходите од продажба се намалени за 7 отсто, при што приходите од продажба на домашниот пазар се намалени за 31 отсто, а приходите од продажба на странскиот пазар се зголемени за 12 отсто, што се должи на зголемената продажба на веќе постоечки коминтенти. Останатите приходи се намалени за 33 отсто. Финансискиот резултат пред оданочување во однос на претходната година е зголемен за 386 отсто, односно од 3.256 илјади денари на 15.814 илјади денари. Оперативните расходи во извештајниот период во однос на истиот период од претходната година покажуваат пад од 15 отсто. Трошоците за суровини и други материјали се намалени за 16 отсто, од кои трошоците за суровини се намалени за 33 отсто, трошоците за енергија се зголемени за 10 отсто, а трошоците за резервни делови се намалени за 1 отсто. Трошоците за услуги се намалени за 27 отсто, додека останатите трошоци од работењето се намалени за 13 отсто. Трошоците по вработени се намалени за 3 отсто, а финансиските расходи се на исто ниво како претходната година. Во извештајниот период не е исплатена дивиденда. Друштвата не изготвуваат финансиски план. Очекувањата за наредниот период се дека приходите ќе имаат благ пад во однос на претходната година, со промена на структурата на производите кои ги генерираат, а состојбата на страната на расходите е понеизвесна, особено од аспект на трошоците за енергија. Сепак, очекувањата се дека групацијата ќе обезбеди позитивен финансиски резултат.