FinPortal.mk

Навивачите „Мајмуни Прилеп“ нема да ги поддржат натпреварите на новиот клуб Победа поради политичко влијание

FinPortal.mk  · 
Навивачите „Мајмуни Прилеп“ нема да ги поддржат натпреварите на новиот клуб Победа поради политичко влијание

Навивачката група НК „Мајмуни Прилеп 1997“ соопшти дека организирано нема да присуствува на натпреварите на новоформираниот ГФК Победа 2026, откако, како што велат, во клубот се вмешани луѓе од политиката. Од групата порачуваат дека нивното име и обележја нема да се појават на трибините, а бојкотот го најавуваат уште пред првиот официјален натпревар на новиот клуб.

„Нашиот став отсекогаш бил јасен. Спортот треба да биде спорт, а не место за политички интереси и влијанија“, порачаа од навивачката група. Тие тврдат дека биле целосно игнорирани при формирањето и активирањето на ГФК Победа 2026 и дека никој не ги информирал, консултирал или прашал за став, иако со години организирано го поддржуваат името Победа.

„Сè додека политиката има свое место во спортот и во клубовите што го носат името Победа, НК Мајмуни Прилеп 1997 нема да даде поддршка на таков клуб“, се наведува во нивната реакција. Навивачите потсетуваат на претходните разочарувања и проблеми поврзани со прилепскиот фудбал, а во соопштението споменуваат и наводно местени натпревари, поради што бараат името Победа да не се користи за лични или политички интереси.

За овие нивни тврдења засега нема објавена официјална реакција од новиот клуб. Од другата страна, ГФК Победа 2026 ги повика прилепчани на својот прв натпревар, закажан за сабота, 12 септември, во 16 часот и 30 минути на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Клубот го претстави натпреварот како почеток на „нова приказна“ и ги повика граѓаните да дојдат на стадионот.

„Мајмуни“ истовремено тврдат дека располагаат со информации оти повторно била активирана „старата Победа“, која би требало да се натпреварува во Четвртата А лига. Групата нагласува дека останува доследна на својот став и дека нема да даде поддршка на клуб во кој, според нивните сознанија, политиката има свое место.

Прочитај го оригиналниот напис →