Научници: Негирањето на македонскиот идентитет и јазик е форма на политички говор на омраза

Политичките оспорувања на македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик од страна на бугарски политички и академски кругови, како и нивното вградување во билатералните и европските процеси, претставуваат форма на политички говор на омраза со сериозни последици врз правото на самоопределување, националното достоинство и европската интеграција на земјата. Ова беше истакнато на научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза“, во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.
Академик Марјан Марковиќ, на отворањето на собирот, порача дека самиот наслов звучи парадоксално, бидејќи веќе 150 години се навраќаме на истите прашања, за жал, не по сопствена волја. Тој истакна дека научниците се принудени одново да се навраќаат на одредени проблеми во оваа сфера и да се обидат, можеби не можат да дадат вистински одговори, но сепак ќе се обидат во текот на конференцијата да понудат одредени решенија за различни проблеми за оваа, како што рече, апсурдна проблематика гледано од аспект на 21 век. Марковиќ изрази верување дека со оваа конференција ќе можат да понудат решенија и да продолжат напред и како држава и како наука.
Професорката д-р Ганка Цветанова, една од раководителките на двегодишното научноистражувачко истражување во рамки на проектот, на почетокот порача дека иако живееме во 21 век, во ерата на човековите права, македонското прашање и натаму е предмет на жестоки политички дебати. Таа нагласи дека правото на самоопределување на македонскиот народ и неговата самобитност неретко се оспоруваат, додека посебноста на македонскиот јазик и култура, како и политичката легитимност на македонската нација, се негираат.
Според Цветанова, оспорувањата од страна на одредени политички елити од соседни држави, кои се и членки на ЕУ, како и од делови на нивната академска заедница, вообичаено се засноваат на две негирачки тези. Првата е дека македонската нација била создадена на крајот на Втората светска војна како политички проект на комунистичката интернационала и југословенските комунисти, а втората дека македонскиот јазик бил создаден со декрет.
Собирот, како што беше истакнато, ги обедини научниците околу заклучокот дека ваквите негирања не се само академски спор, туку имаат директни политички последици врз меѓународната положба на земјата и врз процесот на европска интеграција. Организаторите нагласија дека целта на двегодишното истражување е да се понудат решенија за оваа проблематика, која и во 21 век останува отворена.