Наставниците се обучуваат за одговорна употреба на вештачката интелигенција во наставата

Министерството за образование и наука спроведе деветмесечна обука за наставници и училишта за користење на вештачката интелигенција во воспитно-образовниот процес, а најуспешните учесници денес добија сертификати. Обуките беа реализирани во соработка со Brainster Next, а признанијата на најдобрите ги додели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На свеченоста, Јаневска им честиташе на наставниците за трудот и посветеноста да научат нешто ново и тоа знаење да го пренесат на своите ученици. Таа истакна дека целта е наставниците да им помогнат на учениците вештачката интелигенција да ја користат правилно, одговорно и за вистински цели. Министерката посебно ги поздрави десетмина учесници кои отидоа чекор понатаму и денес се образовни амбасадори за вештачка интелигенција.
Јаневска посочи дека вештачката интелигенција отвора огромни можности, но со себе носи и опасности, поради што знаењето е единствена заштита. Токму затоа, како што рече, заедно со Brainster Next и неколку други високообразовни установи, Министерството ги спроведе обуките за наставниците.
„На наставниците им е потребно знаење со кое ќе ја унапредат сопствената работа и ќе ги водат учениците низ можностите и предизвиците што ги отвора вештачката интелигенција. Благодарност до тимот од Brainster Next што ги научи како да ја употребуваат за да бидат покреативни и да внесат новини во наставата. За наставниците е важно стекнатото знаење да го споделуваат со колегите, но и да продолжат да го надградуваат“, укажа Јаневска.
Министерката нагласи дека вештачката интелигенција веќе го менува образованието и дека тоа е реалност што не може да се игнорира. Според неа, потребни се подготвени наставници кои ќе им помогнат на учениците правилно да ја разберат и користат вештачката интелигенција, без притоа да го изгубат критичкото размислување, креативноста и, што е многу важно, да ја употребуваат етички, одговорно и со разбирање.
„Учениците треба да ја владеат технологијата, но истовремено да размислуваат како да ја применат, да се научат да ги проверуваат информациите и воопшто, мудро да ги користат сите дигитални алатки“, напомена Јаневска.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека ќе продолжат со активностите насочени кон интегрирање на современите технолошки текови во воспитно-образовниот процес, во кој наставниците се тие кои ги употребуваат за поквалитетно образование.