Народната банка со награда од 60.000 денари го бара најдобриот видео-запис за нејзината улога во секојдневието
FinPortal.mk · 1.10.2026 г.
Народната банка на Република Северна Македонија објави Конкурс за избор на најдобар видеоматеријал објавен на социјалните мрежи, на тема „Што значи за мене Народната банка?“, со хаштаг #МојатаНБ. Конкурсот се објавува по повод 80 години централно банкарство во нашата земја, а за авторот на најдобриот видеоматеријал е предвидена парична награда од 60.000 денари, нето, при што персоналниот данок на доход е на товар на Народната банка. Како што соопштуваат од централната банка, целта на Конкурсот е, преку перспективата на граѓаните, да се прикаже поврзаноста на работата на Народната банка со нивното секојдневие – од стабилноста на денарот и цените, до сигурноста на банкарскиот систем и непреченото извршување на плаќањата. Од Народната банка потсетуваат дека работата на централната банка често се поврзува со сложени економски поими и процеси, но нејзините активности имаат директно значење за граѓаните, нивните пари, заштеди и секојдневни плаќања. Учесниците можат слободно и креативно да обработат еден или повеќе аспекти од работата на Народната банка, при што видеоматеријалот треба јасно да ја поврзува содржината со Народната банка и со некоја од нејзините надлежности. Како можни теми за обработка се издвојуваат денарот и неговата стабилност, односно издавањето на домашната валута и улогата на Народната банка, како и ценовната стабилност, инфлацијата, куповната моќ и значењето на предвидливите цени. Покрај тоа, како насоки за обработка се наведени и стабилноста на девизниот курс и нејзиното значење за граѓаните и економијата, сигурноста на банкарскиот систем и улогата на Народната банка во неговиот надзор, како и платниот систем и начинот на кој се обезбедува непречено извршување на плаќањата. Меѓу предложените теми се и девизните резерви и нивното значење за ликвидноста во плаќањата кон странство, како и економската статистика, транспарентноста и улогата на Народната банка во обезбедувањето и објавувањето релевантни економски податоци. Од Народната банка нагласуваат де