FinPortal.mk

Над 90 милиони денари за нови улици и патишта во Демир Хисар

FinPortal.mk  · 
Над 90 милиони денари за нови улици и патишта во Демир Хисар

Општина Демир Хисар во изминатата година реализираше најголем инвестициски циклус во патната инфраструктура досега, при што се вложени над 90 милиони денари за изградба и реконструкција на повеќе од 10 километри улици и патишта. Ова го соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека станува збор за најголемо годишно вложување во патната мрежа во оваа општина.

Според партијата, целосно се реконструирани општинскиот пат Демир Хисар – Вардино и патот до Жван. Инфраструктурни зафати се реализирани и во населените места Смилево, Загориче, Бараково, Сладуево, Стругово, Белче и Единаковци. Во самиот град Демир Хисар се реконструирани улиците „Маршал Тито“ и „Велко Влаховиќ“, каде што е извршена и изградба на тротоари и уредување на нови паркинг-простори. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со овие инвестиции се подобрува безбедноста на пешаците, условите за сообраќај и изгледот на јавниот простор.

Инвестицискиот циклус, како што е најавено, продолжува и во наредниот период. Предвидена е реконструкција на патот Демир Хисар – Манастир „Св. Јован Претеча“ – Слепче, реконструкција на главната и изградба на шест споредни улици во Суводол и Кутретино, како и улици во Вирово. Во планот е и реконструкција на улицата „Партизанска“ во Демир Хисар, општинскиот пат до Обедник, како и изградба на патот Сопотница – Манастир „Св. Атанасиј“.

Покрај патната инфраструктура, од партијата информираат дека се зајакнати и техничките капацитети на Општината и на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“. Преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион се обезбедени 3,5 милиони денари за набавка на трактор со приклучна механизација. Преку Министерството за локална самоуправа е набавен ровокопач со утоварна корпа во вредност од 5.215.000 денари. Како донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, ЈКП „Комуналец“ доби и две нови возила за собирање и транспорт на отпад.

Во делот на водоснабдувањето, во Стругово е решен проблемот со изградба на нова препумпна станица, а во следниот период е планирана реконструкција на водоводната мрежа во Слепче и Загориче. Инвестиции се реализираат и во образованието, при што во сите образовни институции се реконструирани училници и тоалети, набавени се нови клупи и столчиња, паметни табли, телевизори и дидактички материјали, а се преземаат и дополнителни мерки, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.