МЗТ Скопје го крена Суперкупот на Македонија по драма против Куманово

FinPortal.mk · 26.9.2026 г.

МЗТ Скопје со трофеј ја отвори новата сезона на домашната кошаркарска сцена. Актуелниот македонски шампион го освои Суперкупот на Македонија откако во драматичен натпревар го совлада МКК Куманово со 70-68, со што уште на првиот официјален меч во сезоната стигна до првиот трофеј. Во кумановската сала се одигра вистинска кошаркарска битка, во која победникот беше решен дури во самата завршница. МЗТ Скопје влезе во дуелот како фаворит и актуелен владетел во македонската кошарка, но со значително изменет состав и неколку проблеми со повреди. Кумановци, пак, имаа огромна поддршка од трибините и успеаја да му парираат на шампионот во текот на целиот натпревар. Првото полувреме мина во целосен егал. МЗТ го доби првиот период со 22-21, а во вториот беше 17-16, па на пауза „штрковите“ заминаа со минимални 39-37. Неизвесноста продолжи и во третата четвртина, сè до последната минута. При резултат 52-51, МЗТ Скопје направи клучен исчекор благодарение на Фаракан и Војдан Стојановски, кои погодија две тројки за серија од 6-0 и прва посериозна предност од 58-51. Во последниот период следуваше голема борба, но и серија промашувања. Повеќе од две и пол минути немаше постигнато кош, а постот го прекина Андоноски со атрактивно забивање. Потоа Лука Стојановски погоди за првпат двоцифрена предност на МЗТ Скопје, 62-51. МКК Куманово не се предаде и во финишот успеа да внесе неизвесност, но МЗТ Скопје го издржа налетот и ја зачува предноста за конечни 70-68. Кумановци имаа последен напад за да стигнат до израмнување, или можеби и до победа со „тројка“, но не успеаја да упатат шут кон кошот на МЗТ Скопје. Така, „штрковите“ уште на првиот официјален натпревар во новата сезона стигнаа до трофеј и со Суперкупот најавија дека и во новата сезона ќе атакуваат на врвот во македонската кошарка.

МЗТ Скопје го крена Суперкупот на Македонија по драма против Куманово | FinPortal.mk

МЗТ Скопје со трофеј ја отвори новата сезона на домашната кошаркарска сцена. Актуелниот македонски шампион го освои Суперкупот на Македонија откако во драматиче