МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ вечерва го отвораат третото коло во Супер лигата со скопско дерби
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Скопското дерби меѓу МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ денеска ќе го отвори третото коло во машката кошаркарска Супер лига. Натпреварот се игра порано од останатите дуели од ова коло, поради обврските на двата тима на меѓународната сцена. Во вторник, МЗТ ќе го одигра третиот натпревар во ФИБА Еврокупот, додека ТФТ ја почнува сезоната во АБА2 лигата. Според договорот на двата клуба, но и поради зафатеноста на спортскиот центар „Јане Сандански“ со концерт, дуелот ќе се игра вечерва. Натпреварот во „Јане Сандански“ ќе почне во терминот од 18 часот. Актуелниот шампион МЗТ влегува во овој натпревар како фаворит. Аеродромци заедно со лутиот ривал Работнички се единствените два тима кои по две кола имаат по две победи. ТФТ има половичен учинок, откако во првото коло загуби во Битола од Пелистер, а во второто го совлада Скопје на домашен терен. Останатите четири натпревари од третото коло во машката кошаркарска Супер лига ќе се играат во текот на претстојниот викенд.