FinPortal.mk

МЗТ Скопје Аеродром го совлада Пелистер во дербито и се искачи на второто место

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
МЗТ Скопје Аеродром го совлада Пелистер во дербито и се искачи на второто место

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром му покажаа на Пелистер кој е актуелен шампион во македонското првенство, откако во дербито од петтото коло на свој терен во салата „Јане Сандански“ славеа со убедливи 74:60. Оваа победа претставува четврта за аеродромци во досегашниот тек од сезоната и им овозможи да се искачат на второто место на табелата, веднаш зад Работнички, кој е единствената екипа со стопроцентен учинок во првенството.

Натпреварот започна со водство на гостите од Битола, кои поведоа со 4:2, но домаќините веднаш возвратија со серија од 12:0 и брзо дојдоа до двоцифрена предност од 14:4. Сигурната предност МЗТ Скопје Аеродром ја сочува до крајот на првата четвртина, која заврши со резултат 22:13 во корист на актуелниот првак.

Во втората четвртина Пелистер се обиде да парира и успеа да стигне и до нерешено, при резултат 31:31. Сепак, во финишот на првото полувреме следуваше нова двоцифрена серија на домаќините од 11:0, по што на полувреме се замина со резултат 42:31.

Во второто полувреме немаше многу возбудувања, барем што се однесува до резултатот и прашањето околу победникот. Домашниот тим постојано ја контролираше играта, а разликата ниту еднаш не падна под седум поени, така што МЗТ Скопје Аеродром на крајот стигна до заслужена победа со конечни 74:60.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Лука Стојановски со 18 поени, додека Војдан Стојановски додаде 13 поени. Во редовите на Пелистер најефикасен беше Благој Димитров со 12 поени.

Оваа победа доаѓа по неочекуваниот пораз на МЗТ Скопје Аеродром на гостувањето кај Струмица, по што следуваше и смена на тренерот Васко Атанасов. Аеродромци со тоа брзо се вратија во победнички ритам и ја потврдија формата пред продолжувањето на сезоната.

Пелистер, пак, го претрпе третиот пораз во првенството и остана на осмото место на табелата на која има вкупно 10 екипи. Петтото коло ќе се комплетира со мечот меѓу МКК Куманово и Кожув.