Муцунски: Сакаме решение со Бугарија, но процесот мора да биде предвидлив

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека Северна Македонија има обврска да бара решение за проблемот со Бугарија, но инсистира тоа решение да обезбеди предвидливост на процесот на евроинтеграција. Во гостување во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, тој посочи дека постои желба од страна на европските институции и на некои земји членки на Европската Унија да помогнат во зајакнувањето на меѓусебниот ангажман и отворањето простор за дискусија.
Муцунски нагласи дека позициите на земјата се апсолутно јасни и дека во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира. Според него, иако за некои теми не може да се разговара, тој е убеден дека има простор за креативност и доколку има волја од соседна Бугарија, може да се дојде до решение. „Имаме обврска да работиме и да најдеме решение“, рече шефот на дипломатијата.
Тој информираше дека немало можност за средба со бугарските претставници за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, но оти комуникација меѓу двете страни постои. Сепак, како што оцени, поради немање интерес од другата страна не може да се каже дека има приближување. Муцунски најави дека следната недела ќе оди во Софија на состанок за Коридорот 8 и очекува да има средба и со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.
Иако има билатерални контакти, тоа досега не довело до напредок и затоа, според министерот, потребна е помош од заинтересираната страна, односно од Европската Унија. Тој позитивно гледа на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која кон крајот на неделата доаѓа во Скопје и со која, меѓу другото, поконкретно ќе се разговара и за оваа тема.
„Посетата на претседателката фон дер Лајен е корисна, пред сè, бидејќи праќа порака дека Европската Унија е заинтересирана за регионот. Второ, ќе имаме можност да дискутираме за внатрешните реформски процеси, но и за она што ќе се случува во регионот по завршувањето на овој прв циклус на Планот за раст. И несомнено една од темите ќе биде прашањето поврзано со Бугарија и како да се најде решение за него“, изјави Муцунски.
Според изнесеното, клучната порака на македонската дипломатија е насочена и кон Софија и кон Брисел — земјата е подготвена за разговор и за креативни решенија, но само доколку тие донесат сигурност и предвидливост во евроинтеграцискиот пат, наместо продолжување на неизвесноста.