Муцунски: Партнерството со Вашингтон веќе дава видливи економски резултати

Стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави во изминатиот период е дополнително засилено, а политичкиот дијалог со Вашингтон веќе носи конкретни економски резултати. Ова го оцени министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на Сител, каде што зборуваше за работната посета на САД и за учеството на Генералното собрание на Обединетите нации.
Според Муцунски, зголемениот ангажман на македонската страна кон американската администрација се гледа преку средбите со претставници на американската администрација, со Конгресот, како и со претставници на финансиски организации од јавниот и приватниот сектор. „Фактите говорат за себе. И интензитетот, и содржината, и пораките што се пренесуваат, кои обезбедуваат клучните инвестиции, како оние за кои зборуваме, да се насочат кон стратешките сектори“, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Осврнувајќи се на односите со американскиот државен секретар Марко Рубио, Муцунски нагласи дека во изминатиот период е воспоставена интензивна комуникација заснована на доверба и заеднички приоритети. „Стратешкиот однос со САД е еден од постулатите на нашата надворешна политика и моето очекување е дека интензитетот на таа соработка ќе продолжи“, порача тој.
Министерот посебно ја истакна економската димензија на партнерството, наведувајќи дека зголемениот политички дијалог е проследен со поголема трговска размена и зголемен извоз кон американскиот пазар. Според него, ваквата соработка создава услови за зачувување на работните места, зголемување на капацитетите и нови инвестиции во извозно ориентираните компании. „Можеме да зборуваме за сериозен скок на трговската размена и зголемен извоз кон Соединетите Американски Држави“, рече Муцунски, додавајќи дека Македонија била меѓу првите земји во Европа што имала заедничка изјава со САД во областа на трговијата.
Во контекст на тековната соработка, министерот информираше и за активностите со американската финансиска институција DFC, како и за разговорите за неколку потенцијални нови инвестиции со поддршка од американската страна. Тој го посочи и пристапот „Trade Over Aid“, предводен од САД, кој е насочен кон стратешки инвестиции и кон зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
Оценката на Муцунски доаѓа во период кога македонската надворешна политика го става стратешкото партнерство со Вашингтон во самиот центар на своите приоритети. Според министерот, токму континуираниот и интензивен политички дијалог е предуслов за конкретните економски ефекти што веќе се гледаат преку трговската размена и извозот, а се очекува да се одразат и преку нови инвестициски проекти во стратешките сектори.