FinPortal.mk

МОН со нов конкурс: 3.000 стипендии, за првпат посебни категории за студенти со попреченост и ретки болести

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
МОН со нов конкурс: 3.000 стипендии, за првпат посебни категории за студенти со попреченост и ретки болести

Министерството за образование и наука (МОН) објави конкурс за доделување 3.000 студентски стипендии за студиската 2026/2027 година, со кој се воведува нов модел на распределба на државната финансиска поддршка. Новиот пристап ги опфаќа социјалните потреби на студентите, академскиот успех, но и образованието на кадар во области од стратешко значење за државата, соопштија од Министерството.

Од вкупниот број стипендии, 1.200 се наменети за социјална поддршка. Во оваа категорија, за првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја од двете категории. Од Министерството посочуваат дека со ова се прави чекор кон поинклузивно образование и создавање еднакви можности за студентите, со препознавање на нивните специфични потреби и поддршка на нивното право на образование и академски развој.

Новина е и воведувањето 1.050 стратешки стипендии за студенти кои се образуваат во области од особено значење за идниот развој на државата. Согласно одлуката на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, донесена на 3 ноември 2026 година, за студиски програми од стратешки интерес се определени математиката, физиката, хемијата, земјоделството, шумарството, наставната биологија и рударството. Целта е да се поттикнат младите да се определуваат за овие области и да се создаде стручен кадар кој ќе одговори на потребите на општеството и економијата.

Дополнително, предвидени се 750 стипендии за студенти со висок академски успех, односно за оние кои имаат просечна оценка од најмалку 8,50 и редовно ги исполнуваат академските обврски. Од МОН нагласуваат дека, и покрај воведувањето нови категории и изменетата распределба на средствата, вкупниот број стипендии останува непроменет – 3.000. Според Министерството, промената се однесува на подобро насочување на поддршката и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите.

Месечниот износ на стратешките стипендии е 18.000 денари, додека стипендиите за социјална поддршка и за висок академски успех изнесуваат 6.050 денари. Исплатата ќе се врши во текот на девет месеци од студиската година.

Пријавувањето е исклучиво електронско, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во периодот од 6 до 20 ноември 2026 година. Со новиот модел на распределба, како што наведуваат од Министерството, државната поддршка се насочува кон три јасно дефинирани цели – социјална заштита на студентите со најголеми потреби, поттикнување на извонредност во учењето и обезбедување на стручен кадар во областите што се од клучно значење за идниот развој на земјата.