Модуларната болница во Куманово станува дом на физикалната медицина и рехабилитацијата

Модуларната болница во Куманово ќе биде пренаменета за потребите на Одделот за физикална медицина и рехабилитација при Општата болница Куманово, со што значително ќе се подобрат условите за работа и третман на пациентите, но и ќе се намали листата на чекање за физикална терапија.
Директорот на Општата болница Куманово, Сашо Стошевски, информира дека до Министерството за здравство е поднесено барање за добивање употребна дозвола за објектот, кој, како што посочи, е во добра состојба. Според него, модуларната болница е во прекрасна состојба и се очекува Министерството да ја одобри употребната дозвола, по што ќе започне префрлањето на одделот во новиот простор.
– Поднесовме барање до Министерството за здравство. Видовте дека модуларната болница е во прекрасна состојба и очекуваме да добиеме употребна дозвола за објектот. Тука ќе биде префрлен Одделот за физикална терапија. Планот е тој да функционира во две смени, со што ќе ја намалиме листата на чекање на пациентите кои чекаат физикални третмани, изјави Стошевски.
Со префрлањето на одделот и воведувањето работа во две смени се очекува да се зголеми достапноста на услугите за физикална медицина и рехабилитација за пациентите од Куманово и регионот. Одделението за физикална медицина е одлично екипирано со дваесеттина вработени, што според најавите ќе овозможи непречено функционирање на одделот во новите простории.
Пренамената на модуларната болница доаѓа како дел од напорите за подобрување на здравствените услуги во Куманово и околината, при што физикалната терапија е една од најбараните услуги во Општата болница. Со оглед на тоа што објектот е во добра состојба, се очекува постапката за добивање употребна дозвола да биде завршена во најкус можен рок, по што Одделот за физикална медицина и рехабилитација целосно ќе се пресели во модуларната болница.
Пациентите кои досега чекаа подолго време за физикални третмани ќе имаат можност побрзо да добијат соодветна терапија, а работата во две смени дополнително ќе го зголеми капацитетот на одделот. Оваа иницијатива е дел од пошироките активности за унапредување на здравствениот систем во Куманово, каде што Општата болница континуирано работи на подобрување на условите за лекување на своите пациенти.