FinPortal.mk

21.10.2026 - Мода АД Свети Николе - Други ценовно чувствителни информации

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 

АД Мода од Свети Николе во првите девет месеци од 2026 година остварила послаби производствени и финансиски резултати во споредба со истиот период лани, се наведува во извештајот за ценовно чувствителни информации објавен преку системот СЕИНет.

Во периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година компанијата извезла 399.195 конфекциски единици, од кои 394.538 за партнерот КАСАМОДА од Германија и 4.657 за други партнери. Вкупната вредност на извозот изнесува 2.106.016 евра.

И во 2026 година продолжило намалувањето на побарувачката од главниот германски партнер, која се движи околу 2.500 парчиња дневно. Согласно намалените нарачки, се намалил и бројот на вработени — во септември компанијата имала 230 работници, што е за 78 помалку од јануари 2026 година. Како отпремнина за работниците кои доброволно земаа технолошки вишок се исплатени 10.492.682 денари.

Остварената продуктивност, изразена преку остварен девизен прилив на еден работен час, изнесува 8,48 евра на час и е за 3 отсто подобра од планираната. Просечната извозна цена изнесува 5,26 евра и е малку пониска од минатогодишната.

Расходите од работењето се за 15 отсто пониски од минатогодишните. Најголем пад има кај трошоците за плати, кои се пониски за 17 отсто согласно намалениот број на работници. Трошоците за вработените учествуваат со 80 отсто во вкупните оперативни расходи, што зборува за трудоинтензивниот карактер на дејноста. Од 2014 до 2025 година нето платите се зголемени за 274 отсто, додека цената на услугите во странство се зголемила за 50 отсто.

Компанијата остварила загуба пред оданочување во износ од 11.846 илјади денари, која е поголема во однос на загубата за истиот период минатата година. Во извештајниот период АД Мода нема исплаќано дивиденди, нема вложувања во опрема и нови инвестиции и нема никакви кредитни задолженија.

Извозот главно се состои од машки кошули, женски блузи и заштитна облека. Идниот опстанок на друштвото е отежнат поради намалената побарувачка во Германија, постојаното зголемување на платите на вработените и нарушената конкурентска способност во однос на земјите од далечниот исток.