Митева: Недозволиво е да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на социјалната мрежа Фејсбук ги осуди ставовите на Петар Богојески, лидерот на партијата Македонски концепт и наставник на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, изнесени во телевизиска дебата на ТВ Алфа. Според Митева, станува збор за понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството на жените и ги поткопуваат вредностите на демократското општество. Нејзината реакција следува по телевизиската дебата во која Богојески зборуваше за феминизмот, брачните односи и улогата на мажот во односот со жената. Тој изјави дека феминизмот ги поттикнал жените да го отфрлат машкиот надзор, а сопругот, како што рече, треба да има улога на надзорник на сопругата. „Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од ‘машки надзор‘. Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество. Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво“, пишува Митева на Фејсбук. Најстрашно, како што вели таа, е тоа што во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи. „Тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда“, додава Митева. Порача дека како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудува ваквите ставови на Богојески, оценувајќи дека тие го потценуваат достоинството и самостојноста на жените и дека насилството не смее да се оправдува или релативизира. „Нашата заложба за ‘За една повеќе‘ е токму спротивното од сè што слушнавме. За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева. Ова е прашање на елементарни цивилизациски вредности. Нема место за вакви сфаќања и нема простор за молк, ниту за релативизирање. Слободата на говорот е темелна демократска вредност“, порача Митева.