FinPortal.mk

Митева: Исходот од изборите во Брвеница нема да влијае врз владината коалиција

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Митева: Исходот од изборите во Брвеница нема да влијае врз владината коалиција

Исходот од изборите во општина Брвеница нема да влијае врз функционирањето на владината коалиција, која останува заснована на заедничка владина програма. Ова го изјави претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, во гостување на ТВ 24, оценувајќи дека партијата ВЛЕН ја пропуштила можноста да покаже дека се разликува од ДУИ.

Според Митева, ВЛЕН наместо да се дистанцира од етничката реторика, избрала да постапува на спротивен начин. „ВЛЕН излезе со сопствен кандидат уште во првиот круг. Ако прашањето е дали некако тоа се рефлектира по однос на коалицијата во рамки на Владата, можам да ви кажам не, затоа што и оваа коалиција е владина коалиција базирана на владина програма и институциите треба да продолжат да ја спроведуваат, а тоа што ВЛЕН имаа можност да покажат дека се поразлични од ДУИ, да излезат од таа етничка реторика и навистина да покажат едно друго светло, ја пропуштија шансата и одлучија да постапуваат на спротивен начин“, рече Митева.

Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ водела исклучително позитивна и обединувачка кампања, излегувајќи со програма која е принципот под којшто партијата работи и по којшто ја бара довербата на граѓаните. „Една Брвеница за сите“ за нас ќе остане повеќе од слоган, е концепт нешто на коешто и како Влада ќе продолжиме да работиме, да ја поддржуваме општината со проекти“, посочи Митева.

Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека партијата не водела калкулантска политика. Таа ја поздрави волјата на граѓаните, но додаде дека видовме полни авиони како им заблагодаруваат на луѓето коишто дојдоа. „Не можеме да се бориме против демографијата, така што остануваме посветени и сигурна сум во она што го говоревме, а тоа е дека со нашиот кандидат, со Стојанчо Радичевски ќе имаше навистина развој на општина Брвеница“, додаде таа.

Митева нагласи дека владината коалиција останува стабилна и дека институциите треба да продолжат да ја спроведуваат владината програма, без оглед на локалните изборни резултати во Брвеница.