FinPortal.mk

Мисајловски: Хероите што го дале животот за Македонија мора да ги знаеме и да ги славиме

FinPortal.mk  · 
Мисајловски: Хероите што го дале животот за Македонија мора да ги знаеме и да ги славиме

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска порача дека хероите што го дале животот за Македонија треба да се знаат и да се слават, а пораката за тоа мора да стигне до младите генерации. Тој тоа го истакна на отворањето на Централниот меморијален турнир во мал фудбал, кој се одржува во чест на загинатите бранители од 2001 до 2015 година.

„Да пренесеме порака до младите дека овие луѓе треба да се слават и секоја генерација треба да знае за хероите што го дале животот за Македонија. Тоа се хероите на државата“, истакна Мисајловски пред присутните.

Министерот, пред членовите на семејствата на загинатите и пред фудбалските екипи, порача дека не би сакал ваквите немили настани никогаш да се повторат. Тој нагласи дека Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност прават сè овие херои да не бидат заборавени.

„Сме имале немили настани, да не се повторат, но затоа со вакви спортски игри, меѓународни активности што ги имаме и во Министерство сакаме да покажеме и да допринесеме дека со различни спортски дисциплини и со фер плеј и со една заедничка стратегија сите генерации да се сплотат во оваа енергија и во оваа прилика да покажеме кон целиот македонски народ, кон сите дека овие херои не се заборавени“, рече Мисајловски.

Министерот за одбрана нагласи и дека секој војник што ја носи униформата многу значи за државата. Тој изрази лична благодарност до сите оние што ја носат униформата, за секој ден што го поминуваат на која било локација, на кој било настан, вежба и акција, и тоа го прават заради Македонија.

„Јас сакам во мое лично име да се заблагодарам на сите оние што ја носат униформата, секој еден ден што се на која било локација, на кој било настан, вежба и акција и тоа го прават заради Македонија. Го почитувам тоа што го правите и верувајте дека Министерството за одбрана, БЈБ и МВР секогаш ќе бидат тука“, рече Мисајловски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев истакна дека овој турнир се одржува со цел никогаш да не ги заборавиме бранителите, кои ги дале своите животи за нашата татковина. Тој сподели дека во 2001 година и тој загубил другар и колеги со кои делел училишни клупи.

„Нашата обврска, еве и јас од мое лично име како прв човек на БЈБ, имам лична мотивација уште повеќе и уште подлабоко да го негуваме споменот на нив, за животите што ги положија. Знам дека посебно е најтешко за семејствата, знам дека ниту еден збор, ниту една традиција, симболичен момент, не може да ја ублажи вашата болка, меѓутоа исто така знам дека ние даваме сè од себе како институции кои загубиле свои припадници, луѓе кои ги положиле своите животи, сме правеле и ќе правиме и во иднина сè повеќе за вас за да може таа болка да биде што е можно помала и да знаете дека не сте сами“, рече Јанев пред членовите на семејствата на загинатите.

Централниот меморијален турнир во мал фудбал се организира како спортски настан со меморијален карактер, посветен на бранителите што ги загубиле животите во периодот од 2001 до 2015 година. На отворањето присуствуваа членови на семејствата на загинатите, како и фудбалски екипи што учествуваат на турнирот.

Преку ваквите активности институциите сакаат да испратат јасна порака дека жртвата на бранителите останува дел од колективната меморија на државата и дека споменот на нив треба да се негува меѓу сите генерации, особено меѓу младите.