Министерството пресметало 58.475 денари за минимални трошоци на четиричлено семејство, синдикалната кошничка повисока за 10.200 денари

На едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари за минимални трошоци, покажуваат податоците од потрошувачката кошничка пресметана од Министерството за економија и труд. Оваа сума е за 10.200 денари помала од вредноста на синдикалната потрошувачка кошница за истиот месец, која изнесуваше 68.675 денари, соопштија надлежните.
Според пресметките на министерството, за храна и пијалоци на четиричленото семејство во август му биле потребни 21.132 денари, а за здравствени услуги 1.429 денари. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција изјави дека пресметката се базира на податоци од релевантни институции, меѓу кои податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.
Дурмиши посочи дека во однос на јули, потрошувачката кошница во август била зголемена само за 29 денари, а трошоците за храна и пијалоци биле намалени за 255 денари. Во споредба со јануари годинава, кога кошницата изнесувала 56.381 денар, во август таа е повисока за приближно 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.
Министерот објасни дека разликата со синдикалната кошница произлегува од различна методологија. Тој нагласи дека методологијата на министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата, додека синдикалната кошница за истиот месец пресметала минимални трошоци од 68.676 денари. „Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска“, рече Дурмиши.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија за август пресметале дека за храна и пијалоци месечните трошоци изнесуваат 25.032 денари, за образование 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.370 денари, за транспорт 5.175 денари, за ресторани и хотели 4.131 денар, за комуникации 3.677 денари, за хигиена 2.692 денари и за здравје 1.196 денари.
Синдикалната минимална кошница во септември достигнала 69.432 денари, што е за 757 денари повеќе од август, со што разликата во однос на владината пресметка дополнително се зголемува. Од ССМ порачуваат дека Владата треба да ги зголеми платите, а не да ја намалува вредноста на кошницата, со оглед на тоа што нивната пресметка покажува значително повисоки минимални трошоци за живот на едно четиричлено семејство.
Двете институции засега остануваат на своите методологии, при што министерството инсистира дека неговата кошница ја одразува реалната потрошувачка, додека синдикатот бара повисоки плати како одговор на реалните трошоци за живот.