FinPortal.mk

Минхенскиот производител на индустриски роботи РобКо ја премина границата од една милијарда долари

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Минхенскиот производител на индустриски роботи РобКо ја премина границата од една милијарда долари

Германската компанија за роботика РобКо достигна проценета вредност од една милијарда долари, со што се вброи меѓу европските технолошки стартапи кои го носат статусот на таканаречен еднорог. Компанијата со седиште во Минхен произведува индустриски роботи, а новата вредност ја постигна во последниот круг на трансакции со акции, објави Фактор.

Претходно, во јануари, РобКо обезбеди 100 милиони долари свеж капитал, а досега вкупно има привлечено близу 200 милиони долари инвестиции. Во последната трансакција со акции биле продадени хартии во вредност од околу 40 милиони долари. Меѓу инвеститорите кои стојат зад компанијата се Лајтспид Венчр Партнерс, Секвоја, Лингото, Чери Венчрс и Европскиот технолошки колектив.

Околу 70 проценти од работењето на компанијата и натаму се одвива во Европа, но американскиот пазар расте побрзо. Поради тоа, извршниот директор Роман Холцл се преселил во САД, каде компанијата планира дополнително ширење. Производството и главното склопување ќе останат во Германија, додека дел од роботите наменети за американскиот пазар ќе се склопуваат и во Остин, во сојузната држава Тексас.

РобКо е основана во 2020 година и се фокусира на роботи наменети за производствени компании. За март 2027 година е најавено и претставување на „Алфи“, робот со две раце и систем за самостојно учење, наменет за индустриски задачи кои тешко се автоматизираат со традиционални машини. Прототипи на ова решение веќе се користат кај неколку клиенти.

Со вредноста од една милијарда долари, РобКо им се приклучува на неколку европски компании за роботика кои веќе ја надминаа оваа граница. Тоа се случува во период кога инвестициите во автоматизација и во хуманоидни роботи забрзано растат, што ја потврдува насоката на пазарот кон сè поголема примена на роботски решенија во индустриското производство.