Милошоски: Македонија во ОН гласала со ЕУ 148 пати, со САД само шест пати

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, изнесе податоци според кои Македонија во периодот од 2024 до 2026 година во 148 случаи гласала во согласност со мнозинството земји членки на Европската Унија, а различно од Соединетите Американски Држави, додека само во шест случаи го поддржала американскиот став спротивно на европското мнозинство. Податоците ги претстави во емисијата „Надворешна – Светот во дијалог“ на Македонската радио-телевизија.
Според Милошоски, статистиката се однесува на гласањето за резолуции, декларации и други акти во Обединетите нации, во ситуации кога земјите членки на ЕУ немале усогласен заеднички став. „Македонија само шест пати од 2024 до 2026 година гласала исто како САД, а спротивно на мнозинството членки на ЕУ, во момент кога ЕУ немала заеднички став. Во спротивен случај сме гласале како мнозинството земји членки на ЕУ, а различно од САД, 148 пати“, изјави Милошоски.
Тој оцени дека ваквиот сооднос покажува оти Македонија има високо ниво на усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, и покрај стратешкото партнерство со Вашингтон. „Кога ЕУ има утврдена заедничка надворешна и безбедносна политика, нашиот глас е придружен на ЕУ како целина“, рече Милошоски.
Говорејќи за меѓународната позиција на државата, тој посочи дека Македонија може истовремено да го продлабочува партнерството со САД и да ги зајакнува политичките и економските односи со европските држави. Според него, односите со Вашингтон и Брисел не треба да се поставуваат како избор меѓу две спротивставени страни, бидејќи европската безбедност и економскиот развој во изминатите децении биле тесно поврзани со американската поддршка.
„Европскиот економски успех и демократијата не би биле толку напредни и можни да ја немало американската стабилност“, рече Милошоски, според кого европската безбедност и економскиот развој во изминатите децении биле тесно поврзани со американската поддршка.