Мила Петрушевска на чело на Клубот на млади на ЗНАМ

Мила Петрушевска, магистер по правни науки од областа на казненото право и членка на Советот на Општина Куманово, е избрана за претседателка на Клубот на млади на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Изборот беше направен на Првата изборна конференција на клубот, која денеска се одржа на Пелистер.
Од партијата посочуваат дека формирањето на Клубот на млади е дел од нивниот Акциски план, со цел воспоставување организирана младинска структура преку која младите ќе можат да ги изразуваат своите ставови, да предлагаат иницијативи и да учествуваат во креирањето на политиките на движењето.
Петрушевска истакнала дека функцијата ја прифаќа како одговорност и дека нејзин приоритет ќе биде создавање организација што ќе ги слуша потребите на младите и ќе им овозможи услови за личен и професионален развој.
„Мојата цел е да изградиме подмладок во кој младите нема само да бидат присутни на фотографии и настани, туку навистина ќе учествуваат, ќе предлагаат идеи и ќе имаат можност да влијаат врз одлуките“, изјави Петрушевска.
Таа најавила активности на терен, едукации, обуки и поддршка за младите, со цел нивно поголемо учество во заедницата.
На конференцијата се обратил и претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој ја нагласил важноста на вклучувањето на младите во политичкиот и општествениот живот и создавањето можности за нови генерации лидери.
„На младите не треба само да им ја препуштиме иднината, треба да им дадеме можност уште денес да ја создаваат“, рече Димитриевски.
На конференцијата било избрано и Координативното тело на Клубот на млади, кое заедно со претседателката ќе работи на утврдување приоритети, воспоставување организациска структура и спроведување активности за поголемо младинско учество.