FinPortal.mk

Мицкоски со делегација во посета на Дојче Телеком: дигитална трансформација и инвестиции во фокусот

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Мицкоски со делегација во посета на Дојче Телеком: дигитална трансформација и инвестиции во фокусот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска, заедно со владина делегација, оствари работна средба со раководството на Дојче Телеком, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и инвестициите насочени кон дигиталната трансформација и иднината на Македонија. Како што е соопштено, дигиталната трансформација и технолошкиот развој се стратешки приоритети на Владата, а средбата претставува можност за понатамошно унапредување на соработката со една од водечките европски телекомуникациски компании.

Во владината делегација беа министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и директорот на ТИРЗ Гоце Димовски. Од страна на Дојче Телеком на средбата присуствуваа Тимотеус Хетгес, главен извршен директор на компанијата, и Доминик Лерој, член на Управниот одбор на Дојче Телеком и ГИД за Европа.

Според соопштението, на средбата биле разгледани можностите за инвестиции во делот на современите техники во медицината и инженерството, развој во делот на комуникацијата, развојот на вештачката интелигенција, современата кибернетска безбедност, како и плановите и амбициите за развој во делот на паметен град, безбеден град и безбедна држава.

Во рамки на разговорите биле разменети и мислења за европската конкурентност, безбедноста и дигиталниот суверенитет како стратешки приоритет за Европа. Посебно биле разгледани капацитетите во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста, кои се основа за дигиталната отпорност и конкурентност.

Од Владата наведуваат дека целта на ваквата соработка е искористување на современите технолошки решенија и отворање на нови перспективи за дигиталната иднина на државата. Средбата се оценува како чекор кон продлабочување на партнерството со еден од најголемите европски телекомуникациски оператори, чии инвестиции и технолошко знаење можат да придонесат за развој на дигиталната инфраструктура и услуги во земјата.

Дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста се теми кои во изминатиот период се позиционираа високо на агендата на Владата, а соработката со приватниот сектор, особено со компании од рангот на Дојче Телеком, се гледа како начин за забрзување на технолошкиот напредок и за зголемување на конкурентноста на македонската економија во европски рамки.