Мицкоски: Со 20 години владеење на НАИ, 10 илјади луѓе ја напуштиле Брвеница — сега истите ги молат да се вратат и да гласаат

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратенички прашања, жестоко возврати на обвинувањата на пратеникот на НАИ, Скендер Реџепи, во врска со пораките што се испраќаат за време на кампањата во општина Брвеница. Мицкоски нагласи дека никој од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не повикал на етничко гласање и дека токму спротивната страна е таа која ги дели граѓаните по етничка основа.
„Околу делот на пораките коишто ги испраќате за тоа што сум зборувал јас кога бев во Брвеница, инаку мене не ми е првпат. Јас не знам колку пати вие сте биле во таа општина, но јас сум ги поминал сите села таму и тоа некои од селата сум ги поминал и по неколку пати“, рече Мицкоски. Тој потоа наброја конкретни места: „Еве да речеме во Теново бев по четврти пат, во Радиовце по третпат, Седларце, Брвеница, Гургурница, можам да ги редам, Стенче, Волковија, Блаце. Можам сите да ви ги редам сега, од првото до последното и на крај да завршиме во Челопек бидејќи таму правиме и градинка и спортска сала со парите од оваа влада.“
Премиерот директно го обвини Реџепи и неговата партија за демографската состојба во општината. „Дваесет години вие направивте нула проекти за Брвеница и резултатот од тие нула проекти господине Реџепи е 10 илјади иселени од кои 90 отсто Албанци. И сега одите по Европа и по светот, коленичите и им викате вратете се во Брвеница да гласате затоа што не смеат кауриве да победат и да имаат свој градоначалник во Брвеница. Тие истите коишто избегаа од 20 години ваше владеење во владата. Вие ги избркавте“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така нагласи дека неговите пораки упатени до граѓаните на Брвеница биле сосема поинакви — повик за гласање по сопствено убедување, без поделби по етничка линија. „Луѓе од вашата коалиција излегоа и повикаа на етничко гласање. Од оваа коалиција никој не излезе, ниту од ВМРО да рече гласајте етнички. Никој. Напротив, мојата порака беше, ќе сакаат да ве делат по етничка основа, немојте да дозволите. Тоа го направија од првиот ден. Немојте затоа што вие повторно ќе влегувате и во џамијата и во црквата. Повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат. За нив ова е сламка за нивната политичка кариера, а за вас е се“, рече премиерот.
Мицкоски апелираше граѓаните да не дозволат да бидат поделени и да излезат на избори онака како што самите сметаат дека е правилно. „Немојте да дозволите ве молам, да ве делат туку излезете гласајте онака како што мислите дека треба да гласате за тој којшто мислите дека е подобар. Се разбира јас сум дојден тука да го поддржам кандидатот којшто е на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но вие одлучете. Немојте да влијаат луѓе од минатото“, порача Мицкоски.
Според изнесеното во Собранието, премиерот ја поврза кампањата во Брвеница со пошироката политичка борба, оценувајќи дека за дел од политичките чинители овие избори претставуваат „сламка за спас“ на нивните кариери, додека за граѓаните на општината прашањето е од суштинско значење. Тој ги повтори обвинувањата дека опозициската страна дваесет години не реализирала ниту еден проект во Брвеница, што, како што тврди, довело до масовно иселување на населението, пред сè на албанското.
Одговорот на Мицкоски дојде како реакција на обвинувањата на пратеникот на НАИ, Скендер Реџепи, кој на собраниската седница го покрена прашањето за пораките што се испраќаат за време на кампањата во оваа општина. Премиерот наместо тоа го сврте фокусот кон резултатите од досегашното управување и кон, како што рече, двојните стандарди на оние кои сега повикуваат на етничка мобилизација, а претходно, според него, ги избркале истите тие луѓе од општината.