Мицкоски: Прославата кај Груби му наштетува наместо да му помогне
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека прославата организирана по укинувањето на куќниот притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби не му оди во прилог, туку дополнително му ја отежнува положбата. Одговарајќи на новинарско прашање за славењето што се одржа по промената на мерките за обезбедување на неговото присуство, Мицкоски посочи дека Груби не е целосно слободен, бидејќи и понатаму има ограничувања. „Не би рекол дека е слободен како што јас сум слободен, бидејќи јас ја имам мојата патна исправа и можам да го напуштам и градот и државата“, изјави Мицкоски. Тој објасни дека, според информациите што ги добил, по истекувањето на законскиот рок од 60 дена судот бил должен да ја прекине мерката куќен притвор и да определи други мерки за обезбедување на присуството на обвинетиот. Осврнувајќи се на прославата, која новинарот ја опиша како славење „како за Нова година“, премиерот рече дека го прочитал јавното извинување од Груби и неговото семејство поради вознемирувањето што можело да го предизвика собирањето. „Тие ниту се организатори, ниту пак имаат намера да бидат организатори на таков тип егзотично однесување на поединци“, рече Мицкоски, повикувајќи се на објавеното извинување. Според премиерот, ваквото однесување на дел од присутните не претставува политичка поддршка што му користи на Груби. „Претпоставувам дека тоа е дел од карактерот на поединци кои мислат дека со ваков тип екстраваганција им помагаат на своите сопартијци, но мислам дека грешат. Напротив, им отежнуваат“, порача Мицкоски. Куќниот притвор на Груби беше укинат по истекувањето на законскиот рок, но против него останаа во сила други мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа, забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, и обврска за јавување во судот.