Мицкоски: Просечната пензија е зголемена за над 6.800 денари, разликата со претходната власт е 12,6 пати

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека за две години неговата влада ја зголемила просечната старосна пензија за повеќе од 6.800 денари, што според него е 12,6 пати повеќе од зголемувањето што го направила претходната влада на СДСМ и ДУИ во првите две години од својот мандат.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ во првите две години пензиите на пензионерите ги зголемила за отприлика 540 денари, додека неговата влада за повеќе од 6.800 денари, просечно гледано. Тој потсети дека пред неколку дена дал изјава во која рекол дека разликата е 16 пати, но дека направил грешка и се извинил, појаснувајќи дека точната разлика изнесува 12,6 пати.
„Да бидеме сега попрецизни. Или тоа што го направивме ние за овие 25-6 месеци е повеќе отколку што тие го направија за 7 години додека беа Влада“, истакна Мицкоски. Според него, неговата влада е на функција 26-7 месеци, односно околу две години.
Премиерот го критикуваше и однесувањето на опозицијата, велејќи дека таа преку свои експерти праќала дописи и претставки до Уставниот суд за да го оспори зголемувањето на пензиите што го направила оваа влада. „Опозицијата преку свои експерти праќаше дописи и претставки до Уставниот суд за тоа што оваа Влада го зголеми за пензионерите, да им го одземе, да го враќаат назад. Тоа е лицемерието на денешната опозиција којашто преку свои експерти до пред некоја недела се трудеше тоа што оваа Влада им го овозможи на пензионерите, да им го одземе“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека опозицијата испраќа свои експерти кои ги фали на социјалните мрежи, а пред Уставниот суд ги предизвикува одлуките на владата за линеарното зголемување на пензиите, а од друга страна лицемерно излегува без никаков аргумент и се обидува да испрати критика.
Мицкоски потсети и на претходните периоди, велејќи дека претходните влади на СДСМ им укинувале закони на пензионерите, потоа измислувале некои швајцарски модели, како и дека во минатото на пензионерите им бил ускратен одреден процент од нивната пензија.
„Јас не велам дека тоа е доволно, не велам дека тоа ќе ги реши сите проблеми, но е многу подобро од тоа што беше во времето на СДСМ и ДУИ“, заклучи премиерот. Според него, граѓаните се свесни за тоа што го направила оваа влада и претходната, и можат да направат јасна разлика меѓу нив.