Мицкоски: Од Софија не очекувам ништо, само дијалог „на коњопој
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема големи очекувања од претстојната средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, која треба да се одржи в четврток во Софија. Според него, однесувањето на официјална Софија не дава основа за оптимизам дека на средбата може да се постигне некаков конкретен напредок. На новинарско прашање какви се неговите очекувања од состанокот меѓу Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, премиерот одговори дека не очекува потврда, ниту пак нешто конкретно. „Имајќи ја предвид мојата анализа која вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи, еве ќе бидам повторно дипломатски некоректен, а имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог на ‘пул асајд’, ние така го викаме, ‘на коњопој’ и тоа е отприлика тоа“, одговори Мицкоски. Средбата меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, Муцунски и Петрова, е закажана за четврток во Софија, а ќе се одржи на маргините на меѓународна министерска конференција посветена на Коридорот 8. Иницијативата за овој состанок произлезе за време на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје. По совет од Фон дер Лајен, премиерот Мицкоски го замолил министерот Муцунски да побара средба со бугарската министерка Петрова, со цел да се поттикне процесот за решавање на проблемот околу бугарската блокада на евроинтеграциите на Македонија. Сепак, според тонот на денешната изјава на премиерот, очекувањата од овој дијалог остануваат исклучително ниски, а самиот Мицкоски не крие дека не гледа простор за некаков позначаен исчекор во односите меѓу двете земји во овој момент.