FinPortal.mk

Мицкоски од Њујорк: Македонија останува на европскиот пат, но без отстапување од националните интереси

FinPortal.mk  · 
Мицкоски од Њујорк: Македонија останува на европскиот пат, но без отстапување од националните интереси

Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќање на самитот „Конкордија“ во Њујорк, порача дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но истовремено ќе продолжи да ги штити своите национални и државни интереси. Самитот се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации, а премиерот на панелот говореше за евроинтеграциите, односите со Соединетите Американски Држави, стратешките инфраструктурни проекти и економските резултати.

Мицкоски на панелот учествуваше заедно со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, каде се осврна на долгогодишниот процес на пристапување на Македонија кон Европската Унија. Тој оцени дека земјата во изминатиот период направила голем број отстапки, но дека и покрај тоа останува определена да продолжи кон членство во ЕУ.

„Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој камен-темелник. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна, бидејќи во минатото направивме премногу отстапки“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека за неговата генерација европските интеграции требало да значат подобрување и промена на институциите, а не промена на идентитетот. Според него, постојат земји членки кои билатерални прашања ги поврзуваат со европскиот процес. Мицкоски нагласи дека Македонија продолжува да работи на усогласување со европските стандарди и дека земјата ја усогласила својата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ.

„Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето, туку напротив — ова е нашиот стратешки камен-темелник и ќе останеме на тој пат напред“, изјави премиерот.

Во однос на односите со Соединетите Американски Држави, Мицкоски рече дека стратешкото партнерство меѓу двете земји станува сè подлабоко. Тој се осврна на соработката во воената индустрија, енергетиката и ископувањето на критичниот минерал антимон, со поддршка од американската ДФЦ.

Премиерот преку своите пораки од Њујорк ја пренесе и главната определба на македонската влада — дека евроинтеграциите не смеат да значат откажување од националниот идентитет, туку дека земјата ќе продолжи да работи на својот развој и на исполнување на домашните задачи додека ги штити своите државни интереси.