Мицкоски од говорницата на ОН: Евроинтеграцијата е надвор од секој разумен рок, довербата не може да биде еднострана

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде што оцени дека процесот на евроинтеграција на земјата е надвор од секој разумен временски рок и упати повик до Европската унија да обезбеди предвидливост и почитување на сопствените правила.
Во своето обраќање, Мицкоски потсети дека македонската историја изобилува со тешки одлуки и компромиси направени во име на мирот, стабилноста и интеграцијата. „Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви“, рече премиерот, додавајќи дека без намера да звучи поучувачки, секој што сака да види пример за земја која повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право, доволно е да погледне во поновата историја на Македонија.
Тој ја опиша таа историја како обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата, често по цена на најосновното чувство за достоинство и правда. „Донесовме навистина тешки одлуки. Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува“, истакна Мицкоски.
Премиерот порача дека токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес одговорно може да каже дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска. „Не можеме да ги убедиме граѓаните дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање“, рече тој од говорницата на Обединетите нации.
Во продолжение на обраќањето, Мицкоски упати директен повик до Европската унија: кога веќе бара од помалите земји кандидатки да ги почитуваат нејзините правила, и таа самата треба да ги почитува правилата кои што ги поставила. „Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок“, нагласи премиерот.
Тој додаде дека ако од граѓаните се бара да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат. „Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите. И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина“, порача Мицкоски.
Премиерот ја истакна и амбицијата на земјата да стане сериозна држава, оценувајќи дека патот кон тоа води преку предвидлив и фер процес на интеграција, во кој исполнувањето на критериумите носи реален напредок, а не постојано поместување на целите.
Обраќањето на Мицкоски пред Генералното собрание на Обединетите нации доаѓа во момент кога земјата продолжува да чека јасна временска рамка за напредок во преговорите со Европската унија, а премиерот ја искористи највисоката светска трибина за да ја пренесе пораката дека довербата меѓу институциите и граѓаните мора да биде заснована на исполнети ветувања, а не на привремени политички погодности.