Мицкоски: Очекувам годинава да ја завршиме со реален раст на БДП меѓу 3,5 и 4 проценти

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува македонската економија да го задржи позитивниот тренд и 2026 година да ја заврши со реален раст на бруто домашниот производ меѓу 3,5 и 4 проценти. Во гостувањето во дневникот на МТВ, тој оцени дека првите параметри за првиот месец од третиот квартал, како што се индустриското производство, туризмот и градежништвото, се охрабрувачки и укажуваат на можност за силен трет квартал.
Според премиерот, по силното придвижување во вториот квартал, сличен раст се очекува и во останатите два квартала од годината. „Треба да видиме како ќе биде во следните месеци, но очекувам 2026 година да ја завршиме со реален раст меѓу 3,5 и 4 проценти, со што во континуитет ќе продолжиме да растеме на реална основа, а номинално растот да биде над 8 проценти“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека денес веќе може да се зборува за бруто домашен производ кој номинално изнесува 22 милијарди долари, односно 12 илјади долари по глава на жител. Тој нагласи дека целта што беше зацртана за крајот на мандатот се постигнува на нешто повеќе од половина од мандатот.
Како потврда за владината економска политика, Мицкоски ја наведе потврдената кредитна оценка од агенцијата Фич. „Потврдениот рејтинг од агенцијата Фич е потврда за она што го работиме. И покрај нихилизмот и желбата на опозицијата да банкротира државата, бидејќи знаат во какви долгови и каков хаос ја оставија. Тие секоја вечер легнуваат и се молат нешто лошо да ѝ се случи на државата. Но, за нивна жал, а за среќа на државата и на граѓаните тоа не се случува, одиме напред“, изјави премиерот.
Мицкоски призна дека состојбата не е совршена и дека постојат проблеми, но тврди дека Владата ги решава, особено по, како што рече, катастрофата што ја наследила. „Факт е дека се живее подобро отколку пред три години, а ќе сториме се да се живее подобро и по три години отсега“, истакна тој.
Економските очекувања на премиерот доаѓаат во период кога Владата веќе најавува мерки поврзани со буџетските приходи и цените на енергенсите, што дополнително ќе влијае врз вкупната економска активност и врз остварувањето на проектираниот раст до крајот на годината.