Мицкоски: Немам информација дека Македонија останува без патоказ за ЕУ, пишувањата на „Политико“ се нелогични
FinPortal.mk · 29.9.2026 г.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема информации дека Македонија нема да добие патоказ за пристапување кон Европската Унија, реагирајќи на пишувањата на медиумот „Политико“ пред посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се очекува да пристигне во петок. Мицкоски ги упати новинарите за ова прашање да го прашаат токму „Политико“, нагласувајќи дека неговите информации говорат поинаку од она што го објавил тој медиум. „Ако е тоа точно, треба да ја прашате ЕУ зошто е тоа така. Таа информација ја објави медиум. Имајќи во предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и Планот за раст веќе во два извештајни периоди, и дека пристапувањето во ЕУ е процес во кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е. Моите информации велат дека не е така“, рече Мицкоски. Тој не прецизираше какви точно се неговите информации, но тврдеше дека пишувањата на медиумот се нелогични кога Македонија како земја во два извештајни периоди добива највисоки оценки за реформите. Премиерот најави дека на средбата со претседателката на Европската комисија ќе разговара и за актуелната состојба околу проширувањето на ЕУ и предизвиците што следат. Притоа, тој даде поширок контекст на политиката што ја води, споменувајќи ги изборите во Германија и во Франција, отфрлениот референдум во Исланд, како и војните во Украина и Иран. „Ова е некаков индикатор врз основа на кој треба да ги градиме политиките“, порача Мицкоски, тврдејќи дека како Влада имале јасна стратегија, јасен план и јасна цел. „Кога правите план каква политика да водите, треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во поширокото соседство. Тоа е ЕУ. Имаме неуспешен референдум во Исланд, за рестартирање на преговорите со ЕУ, имаме три изборни циклуси во Германија, во покраини, кадешто гледаме дека, би рекол, екстремни политички структури победуваат, односно структури коишто не се мејнстрим.