Мицкоски не исклучува нов ребаланс: мерките за горивата ќе го чинат Буџетот 6 до 7 милијарди денари
FinPortal.mk · 1.10.2026 г.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека до крајот на годинава е можен уште еден ребаланс на Буџетот, по оној што беше донесен во јули. Причината е помалиот прилив на средства од акцизи и данокот на додадена вредност, кој според проценките на Владата до крајот на годинава ќе достигне 6 до 7 милијарди денари, односно околу 97 до 113 милиони евра. Мицкоски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања при промоцијата на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Тој посочи дека кусокот во буџетските приливи е резултат на интервенциите на Владата со намалени акцизи и намален данок на додадена вредност, со кои се амортизира порастот на малопродажните цени на нафтените деривати. „Очекуваме до крајот на годината да бидеме пократки 6-7 милијарди денари во однос на тоа што сме го планирале и затоа е можно да се случи да имаме уште еден ребаланс до крајот на годината“, изјави премиерот. Според неговите пресметки, само по основ на акцизи Буџетот ќе биде пократок за околу 5 милијарди денари, што, како што оцени, за економија како нашата и за буџет како нашиот претставува огромна жртва. Поради намалениот данок на додадена вредност, таа бројка дополнително се зголемува и се искачува на вкупно 6 до 7 милијарди денари. Мицкоски појасни дека станува збор за проценки на годишно ниво, односно до крајот на годинава. Премиерот се осврна и на инфлацијата, оценувајќи дека таа кај нас нема земено голем замав и дека два месеци по ред, условно кажано, е контролирана и е под европскиот просек. Во јули инфлацијата изнесуваше 2,3 проценти, во август 2,6 проценти, а податоците за септември наскоро ќе бидат познати. „Сè што е во рангот на 2-3 проценти е во рамките на очекуваното“, рече Мицкоски. Како сериозен предизвик за сите, тој ја наведе неизвесноста кога станува збор за испораките на нафта и нафтени деривати во светот, како и цената на берзите која во моментот е актуелна за нафтата и нафтените деривати. Тој потсети дека Владата имплементира мерки за да го одржи ниското н