Мицкоски: Македонија е во подобра форма од пред три години, стратешкото партнерство со САД е децениско

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата Влада испорачува и го прави тоа што го зборува, нагласувајќи дека стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е децениско и дека Вашингтон е најсилниот сојузник на земјата. Во интервју за Атлантскиот совет, Мицкоски порача дека кога Владата кажува и ветува нешто, се обидува тоа да го исполни, и дека вистинската политика не трпи импровизации.
„Ние испорачуваме и го правиме тоа што го зборуваме. Кога кажуваме и ветуваме нешто, се обидуваме да го исполниме. Го правиме тоа што го зборуваме — и во животот и во политиката, вистинската политика. Не треба да импровизирате. Подобро е да молчите отколку да импровизирате и да кажете нешто што не сте во можност да го испорачате. Така што, сè она што го кажуваме и зборуваме — го правиме. Имаме план“, рече премиерот.
Според Мицкоски, земјата сега е меѓу членките на НАТО и сојузниците кои ги исполнуваат своите обврски и цели, достигнувајќи 3,5 отсто за воени расходи до 2035 година, на што се надополнуваат 1,5 проценти инвестиции во стратешката инфраструктура. Тој појасни дека тоа значи автопати, железници и водови за пренос на енергија, кои се сметаа за вид тесно грло на континентот.
„Затоа, мора гордо да кажам дека, да, посветени сме, имаме план и го следиме тој план“, нагласи Мицкоски во интервјуто за Атлантскиот совет.
Премиерот оцени дека земјата е во многу подобра форма од пред три години и изрази уверување дека за три години ќе биде во уште подобра позиција. „Ако ја анализираме ситуацијата во мојата земја, веројатно можам да кажам дека да, во подобра форма сме од пред една година и во многу подобра форма сме во споредба со ситуацијата во мојата земја пред три години. Цврсто верувам дека за три години од сега, мојата земја ќе има подобра позиција и ќе биде во подобра форма во споредба со денес“, нагласи тој.
Говорејќи за односите со Вашингтон, Мицкоски потенцираше дека стратешкото партнерство со САД не дојде одненадеж, туку е децениски старо и претставува продолжување на таа траекторија. „Ние веруваме дека нашиот најсилен сојузник се Соединетите Американски Држави. Веруваме и јас и нашата Влада дека ги делиме истите вредности, а во животот, кога избирате партнер, избирате партнер“, рече премиерот.
Тој нагласи дека играњето двојни игри или имањето двојни стандарди не е нешто што е посакувано за него лично, ниту за неговата Влада. „Затоа, стоењето рамо до рамо со стратешките партнери — избрани еднаш — треба да трае засекогаш. Ако го менуваме нашето мислење во зависност од дневната политика, тогаш никој нема да ви верува и никој нема да има доверба во веќе идното партнерство. Ние можеме само да го продлабочиме нашето стратешко партнерство со САД“, заклучи Мицкоски.