Мицкоски: Македонија е прва во регионот по економски раст и последна по инфлација

Македонија е држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ во регионот и со најниска стапка на инфлација, изјави премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Според него, тоа е потврда дека Владата води про-бизнис и про-економска политика која што дава резултати.
Одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на мобилната апликација „m.Uslugi“, Мицкоски посочи дека стапката на инфлација во земјава е за 25 проценти пониска од европскиот просек. Тој нагласи дека токму тоа е резултат на политиките на Владата, спротивно на поранешните тврдења на тогашната власт, која денеска е опозиција, дека инфлацијата во Македонија е двојно поголема од европскиот просек поради тоа што е увезена.
„Да, ние имаме про-бизнис и про-економска политика која што ја водиме како Влада и во таа насока ќе продолжиме. И Европската комисија, и Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка го потврдуваат тоа кое што ние како Влада го зборуваме, дека во регионот сме држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ и со најниска стапка на инфлација“, изјави премиерот.
Тој прецизираше дека во вториот квартал од оваа година е остварен економски раст од 4,3 проценти, при стапка на инфлација помеѓу два и три проценти, односно помеѓу 2 и 2,5 проценти. Според Мицкоски, генерирање на раст од 4,3 проценти во такви услови претставува проактивна економска политика и политика која што носи резултати.
Премиерот оцени дека состојбата во државата пред 28 месеци била исклучително тешка и дека Владата сè уште се справува со финансиските обврски наследени од претходниот период. Тој најави дека Владата ќе продолжи да ја одржува и подобрува економската состојба, оценувајќи дека таа е подобра во споредба со пред три или четири години.
Како дополнителен предизвик, Мицкоски посочи дека за 2027 година треба да се рефинансираат или вратат заеми во вредност од 2,3 милијарди евра, што, како што рече, е обврска наследена од претходниот период со која Владата продолжува да се справува.
Според премиерот, и покрај предизвиците, земјава е во состојба на која, како што рече, многумина можат да ѝ позавидат, а економските показатели потврдени од меѓународните институции се аргумент дека избраната политика треба да се продолжи и во натамошниот период.