FinPortal.mk

Мицкоски: Јавниот долг пораснал под 1,4 милијарди евра, а БДП за 4 милијарди

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Мицкоски: Јавниот долг пораснал под 1,4 милијарди евра, а БДП за 4 милијарди

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на опозицијата за задолжувањето на државата, тврдејќи дека во периодот на актуелната влада јавниот и државниот долг се зголемиле за помалку од 1,4 милијарди евра, додека бруто-домашниот производ пораснал за четири милијарди евра. Одговарајќи на прашање за обвинувањата на опозицијата дека долгот за две години достигнал четири милијарди евра и за можноста за трет ребаланс на буџетот, Мицкоски рече дека бројките, според него, ја покажуваат разликата меѓу актуелната и претходната власт.

„Јавниот долг, но и државниот долг, откако е оваа влада, е зголемен за точно една милијарда, нешто под 1,4 милијарди евра. А бруто-домашниот производ за истиот период е зголемен за четири милијарди евра“, изјави Мицкоски. Тој направи споредба со периодот од 1 јануари 2018 до 31 декември 2023 година, кога на власт беа СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека во тој период јавниот долг се зголемил за 3,7 милијарди евра, а БДП за 3,9 милијарди евра.

Мицкоски ја илустрираше разликата со пример со задолжување од 100 парички, тврдејќи дека во периодот на претходната власт растот бил значително помал во споредба со актуелниот период. „Во оваа влада сте подигнале кредит од 100 парички, сте успеале од тие 100 парички за две години да направите 250 парички. Односно 2,5 пати повеќе“, рече премиерот.

Тој додаде дека актуелната власт не може да ги реши сите проблеми одеднаш, но дека постепено ќе работи на нивно надминување. Како примери ги посочи Скопското Кале и Плаошник, за кои рече дека биле запоставени. „Одговорно тврдам дека денеска е многу подобро од пред три-четири години, а за три-четири години од денеска ќе биде многу подобро од денес“, изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека владините политики се темелат на бројки, а не на чувства, додавајќи дека граѓаните на избори ќе оценат кој понудил подобри резултати. Воедно, тој ја обвини претходната власт за, како што рече, систематско уништување на државата во изминатите десет години.