Мицкоски: Граѓаните сами ќе решаваат дали да уплаќаат во вториот пензиски столб, приватните фондови се слаби претприемачи

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека граѓаните ќе можат сами да изберат дали ќе го користат само државниот пензиски фонд или ќе уплаќаат придонеси и во приватниот втор пензиски столб. Според него, компаниите што управуваат со вториот пензиски столб се слаби претприемачи, а приносите на средствата на граѓаните што се уплаќаат таму се три пати помали отколку што треба да бидат.
„Тоа значи дека тие се слаби претприемачи. Не можете вие да ги користите средствата од граѓаните и да не ги оплодувате и да не носите приноси онакви какви што треба, какви што сте се договориле пред 20 години кога е почната оваа реформа и сега некој друг да ви е виновен. Тоа така не оди. Ако сте неуспешен во бизнисот, доаѓа некој друг кој што е поуспешен“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот изјасни дека државата разгледува меѓу хибридно решение со кое на граѓаните ќе им се даде слобода самите да донесат одлука дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и државниот и приватните пензиски столбови. „Не можеме неработењето на тие компании кои што ја добиле честа да ги управуваат средствата на граѓаните пред 20 години да ги користат и да не ги оплодуваат онака како што граѓаните очекуваат“, додаде Мицкоски.
Според изјавата, ваквото решение се разгледува бидејќи првите корисници почнале да ги добиваат средствата од вториот пензиски фонд и тие се премногу мали. Мицкоски зборуваше на почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во Јурумлери, општина Гази Баба.