FinPortal.mk

Мицкоски: Дизелот во Македонија е најевтин во регионот и пошироко, и покрај најголемата енергетска криза

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Мицкоски: Дизелот во Македонија е најевтин во регионот и пошироко, и покрај најголемата енергетска криза

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Брвеница изјави дека во услови на најголемата енергетска криза, денес во Македонија благодарение на политиките на Владата дизелот има најниска цена во регионот и пошироко. Тој порача дека економијата останува главен фокус на неговата политика, со цел создавање подобро платени работни места, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура, посилни домашни компании и поголеми средства што ќе остануваат во семејните буџети.

„Сите големи теми имаат смисла само ако на крај произведат подобар живот, токму тука, дома. Но, нашата главна работа останува економијата“, рече Мицкоски на митингот во Општина Брвеница, кој се одржа во рамките на претстојните вонредни локални избори, под слоганот „Една Брвеница за сите! Да ја сочуваме силата на единството!“.

Тој посочи дека во вториот квартал од оваа година македонската економија забележала реален раст од 4,3 отсто во однос на истиот период минатата година, додека градежништвото пораснало за 21,9 отсто. Според него, инвестициите продолжиле да се зголемуваат. Мицкоски оцени дека резултатите треба да продолжат да се чувствуваат преку повисоки плати, повеќе добро платени работни места, како и преку изградба и подобрување на училиштата, патиштата, водоводната и канализациската мрежа, здравствените установи и јавните услуги.

Тој истакна и дека со доаѓањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, средства во висина од половина милијарда евра биле насочени директно кон општините за нивен континуиран раст и развој. Како што рече, неколку милиони евра биле вложени и во Брвеница, а се планира и нов повик за финансирање проекти во општините.

Говорејќи за енергетската криза и цените на горивата, Мицкоски рече дека во услови на, како што ја опиша, најголема енергетска криза, дизелот во Македонија поевтинува. „Во услови кога светот живее во најголема неизвесност, во услови кога имаме историски, епски, натешката и најголемата енергетска криза, кога секаде во светот горивата дојдоа...“, рече тој, нагласувајќи дека токму благодарение на владините политики дизелот во земјава денес има најниска цена во регионот и пошироко.

Мицкоски потенцираше дека економската политика на Владата продолжува да биде насочена кон подобрување на условите за живот на граѓаните, преку зголемување на инвестициите, развој на општините и задржување на поволните цени на горивата, што, како што рече, е од суштинско значење во период кога светот се соочува со најголемата енергетска криза.