FinPortal.mk

Мицкоски: Без владините мерки дизелот ќе беше поскап за 11 до 11,5 денари за литар

FinPortal.mk  · 
Мицкоски: Без владините мерки дизелот ќе беше поскап за 11 до 11,5 денари за литар

Дизелот во Македонија би бил поскап за 11 до 11,5 денари за литар доколку Владата не ги намалеше акцизата и ДДВ за горивата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, образложувајќи ги ефектите од владините мерки за стабилизирање на цените на нафтените деривати.

Според премиерот, ваквата разлика е резултат на комбинираниот ефект од две одлуки на Владата — претходното намалување на акцизата и најновата одлука ДДВ за горивата привремено да се намали од 18 на 10 проценти. „Доколку не се донесеше оваа одлука и претходните одлуки за намалување на акцизата, дизелот ќе беше за 11 или 11,5 денари поскап по литар од тоа што е денеска“, рече Мицкоски.

Намалената стапка на ДДВ за горивата ќе важи од 00:01 часот на 15 септември до полноќ на 28 септември. Според владините пресметки, со интервенцијата кај дизелот, наместо очекуваното поскапување од околу пет денари, се очекува намалување на цената за околу два денари, односно ублажување на ценовниот удар за приближно седум денари. Цената на дизелот би изнесувала околу 99 денари за литар.

Кај бензините, според истите пресметки, се очекува поскапување од околу 3,5 денари, со што ЕУРОСУПЕР БС-95 би изнесувал околу 100,5 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 околу 102,5 денари за литар.

Премиерот посочи дека поради разликата во цените во последниот период е зголемена и потрошувачката на бензинските станици во земјава, а гориво доаѓаат да полнат и граѓани од соседните држави. „Имајќи го предвид зголемениот конзум на бензинските станици во државата, особено поради притисокот на граѓаните кои доаѓаат од Грција, Албанија и Србија, стигнавме до два милиони литри гориво кое се точи тука“, изјави Мицкоски.

Тој тврди дека само по основ на дизел-горивото, дневната заштеда за македонските граѓани изнесува 250 милиони денари. Од Владата мерките ги образложуваат со потребата да се заштити животниот стандард и стопанството во услови на енергетска криза и можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Владата претходно го намали ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, како дополнителна мерка по претходното намалување на акцизите, со цел да се ублажи ценовниот притисок врз домаќинствата и компаниите.