Мицкоски бара опозицијата да предложи претставници во тимот за дијалогот со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски ѝ понуди на опозицијата директно да се вклучи во процесот околу дијалогот со Бугарија, соопштувајќи дека здружената опозиција може да предложи свои претставници кои ќе бидат дел од тимот што ќе го води тој дијалог со источниот сосед. Изјавата беше дадена во Собранието, при одговор на пратеничко прашање од пратеничката Арбана Пашоли од Европскиот фронт, кое се однесуваше на стратегијата на Владата за деблокирање на евроинтегративниот процес и отворањето на преговарачките поглавја.
Мицкоски нагласи дека Европската Унија останува стратешка цел на државата и дека во тој поглед нема никакво поместување. „Европската Унија останува наша стратешка цел и тука нема поместување ниту милиметар. Ние сакаме тој процес, како што сме кажале многупати во минатото, да го почнеме и да го завршиме, не само да го почнеме“, порача премиерот. Тој оцени дека реториката во Парламентот постепено се менува од седница во седница, од месец во месец и од година во година, потсетувајќи дека претходно се говорело дека решението е за членство, а сега дека е решение за почеток на преговори, што, како што рече, е точно.
Во однос на дијалогот со Бугарија, премиерот ја повика опозицијата конкретно да се вклучи. „Во овој дијалог во којшто го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие како здружена опозиција на неколку политички партии, предложете претставници да бидат дел од тимот којшто ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно тоа ќе го почитуваме“, нагласи Мицкоски.
Премиерот ја поврза актуелната состојба со политиките на претходната власт, оценувајќи дека таа е последица на претходните влади на СДСМ и ДУИ. Според него, Владата во моментов работи на промена на перцепцијата кај европските партнери и на отворање простор за деблокирање на процесот. „Тој процес е бавен, но се случува и тоа е реалност“, рече тој, додавајќи дека промените може да се видат и преку неодамнешните контакти меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, како и средбите со еврокомесарката Марта Кос.
Како следен чекор, Мицкоски најави усогласување на Акцискиот план за малцинства, документ што, како што посочи, е прифатен од 26 земји членки на Европската Унија, но не и од Бугарија. „Зашто е важен овој Акциски план за малцинства. Дури и утре да одлучите еве да го промените Уставот на начин на којшто сте одлучиле, повторно тоа нема да биде доволно за да ги продолжиме преговорите бидејќи треба да имаме усогласен Акциски план за малцинства. Така што, ние најпрво ќе го усогласиме Акцискиот план за малцинства“, рече премиерот.
Со оваа понуда Владата отвора простор опозицијата да биде дел од преговарачкиот тим, што претставува нов чекор во насока на вклучување на поширокиот политички спектар во процесот кон Европската Унија. Мицкоски остана на позицијата дека процесот кон ЕУ е стратешка определба на државата и дека Владата продолжува со активностите за негово деблокирање.