МЕРМС, Геолошкиот завод и УГД бараат заеднички европски проекти за геотермална енергија и критични минерални суровини

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Геолошкиот завод на Република Македонија разгледаа можности за заедничко учество во европски истражувачки проекти и за заеднички иницијативи за унапредување на геолошките истражувања и подобро искористување на минералните и геотермалните ресурси во државата. Како што информираа од МЕРМС, координативниот состанок се одржал во просториите на министерството, а централна тема на разговорите била можноста за заедничко аплицирање на повик во рамките на програмата Хоризон Европа, насочен кон процена на ресурсите во длабоки седиментни и длабински резервоари.
На состанокот била разгледана и можноста за формирање меѓународен конзорциум, во кој би се вклучиле и странски партнери со искуство во геолошки и геотермални истражувања. Според соопштението од министерството, целта е преку заеднички проект да се придонесе кон подобро утврдување на геотермалниот потенцијал на државата, преку анализа на расположливите геолошки и геофизички податоци, лабораториски испитувања и моделирање, а доколку техничките и проектните услови го овозможат тоа, да се спроведе и истражувачко бушење и да се добие јадро за понатамошни научни испитувања.
Во рамките на разговорите била истакната и потребата од системски пристап кон критичните минерални суровини, имајќи го предвид нивното растечко значење за енергетиката, новите технологии и економскиот развој. Во таа насока била разгледана иницијатива за подготовка на Програма за истражување на критичните минерални суровини, преку која би се дефинирале приоритетите и идните активности за истражување на нивниот потенцијал во државата, со вклучување на стручните и научните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
На состанокот било отворено и прашањето за Сивец, како препознатлива домашна минерална суровина, при што било предложено да се разгледаат можностите и условите за негова соодветна заштита и препознатливост преку географска ознака. Дополнително, била иницирана подготовка на Каталог на минералните суровини, кој треба систематизирано да ги претстави расположливите информации за минералните суровини и нивниот потенцијал. Идејата е каталогот да придонесе кон подобра достапност и прегледност на геолошките информации, како основа за понатамошни истражувања, планирање и промоција на ресурсите со кои располага државата.
Состанокот претставува чекор кон институционално поврзување на министерството, научната заедница и стручните институции во областа на геологијата и енергетиката. Преку заеднички настап на европските повици, домашните капацитети би можеле да добијат пристап до дополнителни средства и до меѓународно искуство, што е од особено значење за проекти кои бараат скапа опрема, теренски истражувања и лабораториска инфраструктура. Геотермалната енергија и критичните минерални суровини се области кои во последниве години добиваат сè поголемо внимание во европските енергетски и технолошки политики, а државата преку вакви иницијативи се обидува да го искористи сопствениот геолошки потенцијал и да го вклучи во пошироките европски истражувачки текови.