FinPortal.mk

МЕПСО по 50 години стана сопственик на трафостаницата Дуброво, во тек е уредување на имотот и на Бунарџик

FinPortal.mk  · 
МЕПСО по 50 години стана сопственик на трафостаницата Дуброво, во тек е уредување на имотот и на Бунарџик

Државната компанија АД МЕПСО, по речиси пет децении нерешени имотно-правни односи, конечно стана сопственик на трансформаторската станица Дуброво. Објектот, изграден во 1977 година, за првпат доби уреден сопственички статус во корист на операторот на преносната мрежа, соопштија од Министерството за енергетика и минерални суровини.

Од ресорот информираат дека паралелно се работи и на уредување на имотно-правниот статус на трафостаницата Бунарџик. Во таа насока е во тек подготовка на договор за отстапување без надоместок на една половина идеален дел од недвижниот имот на име на АД МЕПСО. Со тоа, како што велат, се затвора уште едно отворено прашање од минатото што со години го оптоваруваше работењето на компанијата.

„Трафостаницата изградена во 1977 година, по речиси 50 години, за првпат се евидентира со уреден сопственички статус во корист на МЕПСО. Ова не е само административно уредување на документација. Уредената сопственост е основа за планирање и реализација на идни инвестиции, реконструкции и модернизација на преносната мрежа, особено на инфраструктурата која има стратешко значење за сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот систем“, велат од Министерството за енергетика и минерални суровини.

Според информациите од министерството, со уредувањето на сопственоста на инфраструктурните објекти се создаваат услови за сигурно одржување, модернизација и натамошен развој на една од клучните точки на преносната мрежа. Станува збор за објекти кои со децении функционираа без целосно решени имотни односи, што го отежнуваше нивното планирање и вложување во нив.

За таа цел, како што посочуваат од ресорот, работна група изработува геодетски елаборати. Целта е уредување и запишување на правата на недвижностите каде што тие досега не биле соодветно евидентирани. Со ваквиот пристап, наместо ad hoc решавање на поединечни случаи, се воспоставува систематски процес на средување на целиот имотен фонд на преносната мрежа.

Од министерството потенцираат дека уредувањето на имотот ќе овозможи создавање на услови за реализација на новиот 110 киловолтен далекувод ТС Бунарџик – ТС Миладиновци. Овој далекувод е значаен за стабилно и непрекинато снабдување со електрична енергија на железничката инфраструктура во Македонија, што го прави проектот од посебен интерес за енергетскиот систем и за железничкиот сообраќај.

Решавањето на имотно-правните прашања на трафостаниците Дуброво и Бунарџик претставува дел од пошироките напори за ставање ред во сопственичката евиденција на енергетската инфраструктура. Со уреден сопственички статус, МЕПСО добива правна основа за идни инвестиции, реконструкции и модернизација, но и можност за поефикасно планирање на развојот на преносната мрежа која е од стратешко значење за сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот систем во земјата.