FinPortal.mk

Меѓаши“ по 15 години мировно образование им додели благодарници на две средни училишта

FinPortal.mk  · 
Меѓаши“ по 15 години мировно образование им додели благодарници на две средни училишта

Детската амбасада „Меѓаши“ им додели благодарници на средните училишта „Зеф Љуш Марку“ од Скопје и „Ванчо Прке“ од Виница, како признание за нивниот континуиран придонес во создавањето безбедна и инклузивна училишна средина. Признанијата беа врачени по повод 15 години од постоењето на Програмата за образование за мир, која организацијата ја спроведува со цел да вгради вредности на дијалог, толеранција и ненасилно решавање на конфликтите во образовниот систем.

Претседателот на „Меѓаши“, Драги Змијанац, потсети дека организацијата веќе 35 години гради концепт и вредности за мирот, а преку програмата за мировно образование досега се опфатени 75 училишта, обучени се 350 професори и повеќе од осум илјади и петстотини деца. Тој оцени дека делувањето на организацијата се одвива во конфликтно општество со висок ризик, какво што е македонското, но и целиот Балкан, и дека токму затоа успеваат да создадат поинаков систем на вредности и размислување.

„Ние веќе 35 години градиме концепт и вредности за мирот, а со програмата за мировно образование успеавме да опфатиме 75 училишта, 350 обучени професори и над осум илјади и петстотини деца. Ние, всушност, сме толку активни во едно конфликтно општество со висок ризик, какво што е нашето, и на целиот Балкан, успеваме да создадеме поинаков систем на вредности и размислување“, изјави Змијанац.

Државната секретарка во Министерството за образование, Елена Ивановска, која присуствуваше на свеченоста, истакна дека најголемата задача е пред наставниците, односно сè што ќе постигнат на обуките да го пренесат во училницата и да им го доближат на младите. Според неа, клучот е во раното учење на вештини за решавање на несогласувањата.

„Ако уште од мали, децата научат да ги решаваат несогласувањата со разговор, слушање и компромис, наместо со карање, да ги контролираат своите емоции и да ги почитуваат ставовите на другите, тогаш ќе израсне генерација која има култура на мир и ги практикува односите со другите“, рече Ивановска.

Регионалниот координатор за Западен Балкан, Амјад Митри, ја нагласи потребата од организации какви што е „Меѓаши“, кои имаат визија за поинаква и подобра иднина, заснована на правда и мир. Тој призна дека не успеал целосно да го следи претходниот говорник, но ги слушнал зборовите дијалог и толеранција, изразувајќи загриженост за работата што треба да се вложи во училиштата и во работата со наставниците.

„Потребни се организации како Меѓаши, кои имаат визија, визија за една поинаква иднина, за подобра иднина, заснована на правда и мир. Не успеав да го следам говорникот пред мене, но ги слушнав зборовите дијалог и толеранција, а мојата единствена загриженост е работата што треба да ја вложиме во работата со училиштата и во работата со наставниците“, истакна Митри.

Доделувањето на благодарниците доаѓа како потврда за долгогодишната посветеност на двете средни училишта, кои преку учеството во програмата на „Меѓаши“ активно придонесуваат кон изградба на училишна клима во која различитоста се почитува, а конфликтите се решаваат преку разговор. Програмата за образование за мир, која оваа година одбележува 15 години постоење, останува еден од централните механизми преку кои организацијата работи со младите генерации на територијата на целата земја.