FinPortal.mk

Меџити: Политиката „против сите“ не води кон успех, туку кон разочарување

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Меџити: Политиката „против сите“ не води кон успех, туку кон разочарување

Политичкото позиционирање против сите не води кон успех, туку кон разочарување, порача Изет Меџити по изборите во Брвеница. Неговата порака следува по објавата на Христијан Мицкоски, кој изборниот настап во општината го опиша со зборовите „сами против сите“.

Меџити, без директно да го именува Мицкоски, предупреди дека конфронтацијата со сите не е успешна политичка стратегија. „Во политиката, позиционирањето против сите не е стратегија што води кон успех, туку пристап што порано или подоцна произведува разочарување“, напиша Меџити.

Мицкоски претходно оцени дека неговата партија во Брвеница настапила со изборна програма и концепт, додека противниците, според него, се потпирале на демографијата, националната карта и кандидати кои одвлекувале гласови.

Токму на поделбите Меџити им посвети дел од својата реакција. Тој порача дека во мултиетничките демократии не смее да постои разграничување на „ние“ и „тие“, бидејќи тоа подразбира нееднаквост и тенденции за потиснување на другиот. Дијалогот и соработката ги посочи како предуслов за функционирање на општеството.

Потпалувачките изјави во кампањата ги оценил како „предизборен фолклор“, а поларизирачките пораки по гласањето ги нарече „постизборен фолклор“. Меџити нагласи и дека гласовите се слободен израз на волјата на граѓаните и никој нема сопственост врз нив.

„Изборите завршија, Брвеница има градоначалник, а животот продолжува и сите се враќаат на своите обврски“, порача тој.

Реакцијата на Меџити доаѓа во момент кога политичката сцена по локалните избори во Брвеница продолжува да биде обележана со размена на пораки меѓу политичките чинители, при што акцентот се става на тонот и начинот на комуникација по завршувањето на гласањето.