Мбапе: Би бил разочаран ако не ја освојам Златната топка, мојата индивидуална сезона беше одлична

Францускиот фудбалер Килијан Мбапе повторно јавно изрази уверување дека престижната награда Златна топка треба да му припадне нему, продолжувајќи ја кампањата пред свеченото доделување што ќе се одржи во Лондон. Во интервју за „РФИ“, Мбапе не криеше дека очекува признанието да заврши во негови раце, оценувајќи ја својата сезона како исклучително успешна на индивидуален план.
„Чувствувам дека ова е добра година за мене. Би бил разочаран ако не ја освојам Златната топка. Кога натпреварувачот не победува, тој е разочаран, а јас сум натпреварувач“, изјави Мбапе, а потоа детално објасни зошто смета дека заслужува да биде прогласен за најдобар фудбалер во светот за сезоната 2025/26.
Според него, клучниот аргумент е неговата индивидуална статистика. „Мојата индивидуална година беше одлична. Бев најдобар стрелец на сите големи натпреварувања, што е клучен критериум за Златната топка. Знам дека направив сè што треба за да ја освојам и сум смирен додека ги чекам резултатите од гласањето“, порача францускиот напаѓач.
Мбапе ја заврши сезоната како најдобар стрелец во Ла Лига со 25 гола, во Лигата на шампионите со 15 гола и на Светското првенство со 10 гола. Сепак, за разлика од неговиот главен конкурент Ламин Јамал, тој не освои ниту еден тимски трофеј — ниту со Реал Мадрид, ниту со репрезентацијата на Франција.
Јамал, од друга страна, беше далеку поуспешен на колективен план. Шпанскиот репрезентативец ја освои Ла Лига со Барселона и титулата светски шампион со Шпанија, а покрај тоа беше прогласен и за најдобар играч на шпанското првенство. Во Ла Лига постигна 16 гола и беше најдобар асистент со 12 асистенции, што дополнително ја засилува неговата кандидатура.
Мбапе, син на Алжирка и Камерунец, во интервјуто се осврна и на своето африканско потекло, обидувајќи се да ја добие поддршката од африканските гласачи. „Никогаш не сум ја изгубил врската со моите африкански корени. Роден сум во Европа, но ја сакам Африка и моето африканско потекло. Секој пат кога одам во Африка ја чувствувам љубовта на луѓето таму. Отсекогаш сум се чувствувал сакан на африканскиот континент. Се надевам дека ќе ја освојам Златната топка и ќе ја посветам на Африка“, рече тој.
Инаку, Мбапе и Јамал веќе извесно време водат своевремена кампања преку медиумите. Пред интервјуто за „РФИ“, Мбапе даде опширно интервју и за „Лекип“, во кое исто така тврдеше дека бил најдобар во изминатата сезона. Двајцата номинирани фудбалери со недели се обидуваат преку изјави и интервјуа да влијаат врз спортската јавност и гласачите, објаснувајќи зошто токму тие треба да ја освојат титулата најдобар фудбалер во светот.
Мбапе инсистира дека Златната топка е индивидуална награда и дека токму неговите лични достигнувања треба да бидат пресудни, додека неговиот конкурент Јамал има посилна аргументација кога се во прашање тимските успеси. Денот кога во Лондон ќе биде доделена престижната награда се ближи, а неизвесноста околу тоа кому ќе му припадне признанието останува голема.