Маврово без закон и план за управување: националниот парк во правна неизвесност повеќе од една деценија

Националниот парк Маврово повеќе од една деценија се наоѓа во неприфатлива правна неизвесност, бидејќи процесот за негово повторно прогласување сè уште не е завршен. И покрај јасните законски обврски, паркот продолжува да функционира без клучните механизми за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје — без задолжителен план за управување и без нов просторен план. Оваа состојба, според еколошката организација Еко-свест, остава простор за активности што можат да имаат негативно влијание врз природните вредности на паркот.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што, иако стручните тимови ја имаат завршено Студијата за валоризација, изработена со јавни и донаторски средства, раководството на ЈУ Национален парк Маврово не се согласува со научните наоди и предложеното зонирање. Наместо институциите да обезбедат навремено завршување на процесот на повторно прогласување и воспоставување соодветен систем за заштита, во Маврово продолжуваат активности кои можат да имаат негативно влијание врз природните вредности на паркот, меѓу кои комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за изградба на мали хидроелектрани.
„Од 2010 година, кога требало да заврши процесот на подготовка на закон и подзаконски акти, па досега не е донесен закон за повторно прогласување на Маврово за национален парк. Во 2015 година имало иницијатива која без образложение била повлечена од страна на Владата. Неопходно е да постои Закон за националниот парк, затоа што од него треба да произлезат планот и програмата за управување со националниот парк. Овие механизми мора да бидат поставени вертикално, при што Министерството за животна средина е највисок орган за заштита на природата во државата“, изјави Марко Гучески, правник во Еко-свест.
Процесот за заштита на Маврово се следи и на меѓународно ниво. Во рамки на Бернската конвенција, прашањето за заштитата на Маврово се следи уште од 2013 година. Во 2025 година беше упатена конкретна препорака до македонските власти за запирање на развојот на хидроцентрали во Маврово и за итно повторно прогласување на паркот. За жал, од минатата година нема комуникација помеѓу Секретаријатот на Бернската конвенција и Министерството за животна средина.
„Оваа состојба остава простор за активности кои не се во согласност со заштитата на природата, како што се изградба на хидроцентралите, но и други активности. 21 организација го поддржаа писмото испратено до Министерството за животна средина, со кое бараме Министерството итно и без одложување да го преземе процесот“, додаде Гучески.
Според Еко-свест, неопходно е институциите да обезбедат навремено завршување на процесот на повторно прогласување на Националниот парк Маврово и воспоставување соодветен систем за заштита, со што би се создале услови за современо и ефикасно управување со заштитеното подрачје. До тогаш, паркот останува заглавен во правна неизвесност, без основните алатки што треба да гарантираат заштита на неговите природни вредности.