Манчестер Сити преговарал со Премиер-лигата за спогодба пред објавувањето на пресудата

Манчестер Сити преговарал со Премиер-лигата за можноста за спогодба во големиот случај за наводно кршење на финансиските правила, пред да биде објавена пресудата. Информацијата ја објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Според тие извори, разговорите биле во почетна фаза и набрзо пропаднале. Сепак, евентуалниот договор можел да му помогне на англискиот шампион да избегне најстроги санкции. Во центарот на можната спогодба била голема парична казна, со обид да се избегнат казни како исфрлање од Премиер-лигата или одземање на освоените титули.
Преговорите не продолжиле, бидејќи Манчестер Сити во текот на целиот процес инсистирал дека не ги прекршил правилата. Од клубот и од раководството на Премиер-лигата одбиле да ги коментираат информациите за разговорите.
„Блумберг“ наведува дека, со оглед на обемот и сериозноста на случајот, евентуалната спогодба веројатно немало целосно да ја затвори постапката, но можела да го ограничи нејзиниот опсег и последиците за клубот.
Независната комисија на Премиер-лигата кон крајот на септември го прогласи Манчестер Сити за виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила во периодот од сезоната 2009/10 до 2017/18. Според утврденото, клубот вештачки ги зголемувал приходите и прикажувал неточна финансиска слика, меѓу другото и преку комерцијални договори што не одговарале на реално постигнатите договори.
Манчестер Сити ги отфрла обвинувањата и на почетокот на октомври официјално поднесе жалба. Од клубот тврдат дека пресудата содржи сериозни грешки во примената на правото, правните принципи и утврдувањето на фактите. Воедно, посочуваат дека располагаат со докази што ја потврдуваат нивната невиност.
Конечните санкции сè уште не се одредени. Меѓу можните казни се споменуваат висока парична глоба, одземање бодови, одземање титули, па дури и исфрлање од Премиер-лигата. За жалбата ќе одлучува независен тричлен совет, а неговата одлука ќе биде клучна за понатамошниот развој на еден од најголемите финансиски скандали во англискиот фудбал.