FinPortal.mk

Манчестер Јунајтед со седма последователна годишна загуба и покрај рекордните приходи

FinPortal.mk  · 
Манчестер Јунајтед со седма последователна годишна загуба и покрај рекордните приходи

Манчестер Јунајтед во средата објави седма последователна годишна загуба, откако трошоците поврзани со купувањето играчи и со отпуштањето на Рубен Аморим дополнително ги продлабочија финансиските проблеми на клубот. Нето-загубата за годината што заврши на 30 јуни 2026 година изнесува 43 милиони фунти, што е повеќе од загубата од 33 милиони фунти една година претходно.

Резултатот е полош и покрај рекордните приходи од 677,6 милиони фунти, кои пораснаа за 1,7 отсто. Клубот притоа евидентираше исклучителен трошок од 8,2 милиона фунти поврзан со заминувањето на Аморим од функцијата главен тренер и со преструктуирањето. Од клубот соопштија дека очекуваат уште поголеми приходи во фискалната 2027 година, во распон меѓу 740 и 760 милиони фунти, откако минатата сезона под водство на Мајкл Карик го завршија првенството на третото место и обезбедија место во Лигата на шампионите.

Акциите на Јунајтед, кои се котираат на њујоршката берза и годинава пораснаа за речиси 24 отсто, во претпазарното тргување во САД паднаа за 3 отсто. Дваесеткратниот англиски шампион од фискалната 2024 година наваму натрупа загуби од речиси 190 милиони фунти.

Трошоците за плати изнесуваа 302 милиони фунти, намалени за 11,3 милиони фунти или 3,6 отсто во однос на претходната година. Клубот намалувањето го поврзува со промените во составот на машката сениорска екипа и со програмите за намалување на бројот на вработени спроведени во изминатите две години. Извршниот директор Омар Берада изјави дека клубот ќе продолжи да применува дисциплиниран пристап за да обезбеди одржливост на финансиите.

Британскиот милијардер сер Џим Ретклиф, малцински акционер во клубот и раководител на фудбалските операции, презеде драстични мерки за враќање на профитабилноста, меѓу кои намалување на работни места и покачување на цените на билетите. Од клубот сметаат дека загубата е доказ за потребата од продолжување на напорите за финансиска дисциплина. Јунајтед дел од средствата ги заштеди и со заминувањето на Аморим во јануари. Отказот на Португалецот и неговиот стручен штаб првично беше евидентиран како исклучителна ставка од 16,7 милиони фунти во резултатите за третиот квартал објавени во мај, но се смета дека тоа била максималната изложеност на клубот од неговото заминување. Таа сума е значително намалена бидејќи Аморим ја презеде функцијата во Милан.