FinPortal.mk

Манасиевски: Николовски не се појави на суд, барам одговори за кусокот од жито и грантот од 1,4 милиони евра

FinPortal.mk  · 
Манасиевски: Николовски не се појави на суд, барам одговори за кусокот од жито и грантот од 1,4 милиони евра

Поранешниот министер за земјоделие, шумарство и водостопанство, воедно и поранешен вицепремиер за борба против корупција во Владата на Зоран Заев и поранешен генерален секретар на СДС, Љупчо Николовски, не се појавил денеска на граѓански судски процес на кој барал извинување од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски. Според Манасиевски, Николовски побарал извинување како граѓанин на државата, тврдејќи дека изјавите на една од неговите прес-конференции му донеле душевна болка и дека биле неточни.

Манасиевски денеска изјави дека Николовски не се појавил во судницата и дека не дошол со факти против фактите што биле изнесени на неговата прес-конференција. „Денеска Љупчо Николовски не се појави во судница, зошто не знам, и не дојдоа на суд со факти против фактите кои беа изнесени на прес-конференција“, рече Манасиевски, додавајќи дека очекува одговори на поставените прашања.

Според Манасиевски, спорните тврдења се однесуваат на периодот кога Николовски бил министер во Владата и вицепремиер на Заев. Тој тврди дека тогаш имало кусок од 2000 тони жито од стоковите резерви, а потоа била набавена скапа пченица за стоковите резерви. Воедно, како што наведе, како член на владата било дадено 1,4 милиони евра на фирмата „Тргопродукт“, попозната со брендот МАМАС на Заеви, од ИПАРД програмата.

Манасиевски го повика Николовски јавно да излезе со факти. „Не дојде денеска на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека тој претрпел душевна болка. Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако сепак остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милиони евра“, порача Манасиевски.

Тој посочи и на контрадикторноста што, како што вели, ја гледа во однесувањето на Николовски, кој бил вицепремиер за борба против корупција. Во тужбата што Николовски ја упатил кон него, според Манасиевски, бил направен вешт наод и мислење за душевно страдање, психичка болка и нарушување на честа и угледот на лицето Љупчо Николовски. Наодот, како што наведе, го изготвил Проф. д-р Стојан Бајрактаров, доктор специјалист психијатар и лиценциран судски вештак.

Манасиевски изрази сомнеж во објективноста на тој наод, тврдејќи дека има индиции дека Бајрактаров бил член на СДС и повеќепати бил донатор на партијата. „Значи докторот кој го прави вештиот наод дека лицето Љупчо Николовски бил душевно болен, односно страдал од моите прес-конференции, повеќепати бил донатор“, рече Манасиевски, потенцирајќи дека очекува Николовски да одговори на сите поставени прашања наместо, како што смета, да избегнува соочување.