FinPortal.mk

Малата Алта банка и довербата што се гради со децении, а се губи одеднаш

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Малата Алта банка и довербата што се гради со децении, а се губи одеднаш

Случајот со битолската Алта банка, во сопственост на истоимената банкарска групација со седиште во Белград, уште еднаш покажа дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Односно, дека кај нас многу почесто се гасат пожари, отколку што се вложуваат напори до нив воопшто да не дојде. Примери има многу, некои и со трагични последици. Било да станува збор за пропусти во процедурите, прогледување низ прсти или непочитување на стандардите, или едноставно поради сплет на околности, штетите се потоа големи.

Алта банка ад Битола е мала банка, но сепак има потенцијал да направи голема беља во македонскиот банкарски простор, но и пошироко, со последици врз целата држава. Колкава е нејзината големина во однос на другите поголеми и системски банки кај нас покажува споредбата на пазарната капитализација. На денот на продажбата, тогашна Стопанска банка Битола на Берзата вредеше 24 милиони евра, наспроти, на пример, водечката банка кај нас, Комерцијална банка, чија пазарна капитализација надминува една милијарда евра.

Прашањето е во довербата. Истата онаа доверба во банкарскиот систем која со години државата макотрпно се обидуваше да ја врати и за што потроши милиони тогашни германски марки. Повозрасните сигурно со мачнина во стомакот се сеќаваат на времињата кога нивните девизни заштеди во банките во поранешната федерација станаа само бројка на нивните девизни штедни книшки, но не и вредност со која можеа да располагаат.

Подоцна, самостојна Македонија мака мачеше да ја надмине таквата состојба, издавајќи државни обврзници со кои можеше да се купи удел во некоја од фирмите во процесот на приватизација, или да се продадат на пазарот на капитал, но по значително пониска цена, дури и преполовена. Или, да чекаат со години и на капка да ги добиваат парите кои со години ги штеделе, или ги добиле од некој близок на работа во странство.

Тоа како да не беше доволно. Фијаското на пирамидалната штедилница ТАТ од Битола однесе во ветар 120 милиони тогашни германски марки, или 60 милиони евра. Бројка од која се врти во главата и сега, а не на 7 март 1997 година кога пукна аферата која оштети 13 илјади граѓани, со трагични последици врз некои од нив во годините што следеа. Како афтершокови по силен земјотрес пропаднаа и други помали штедилници.

Токму затоа случајот со Алта банка не е само прашање на една мала банка и нејзините сопственици. Тоа е прашање на системот на надзор, на процедурите и на стандардите што треба да спречат еден мал играч да предизвика голема штета. Кога тие механизми закажуваат, цената не ја плаќаат само акционерите, туку и обичните граѓани кои во банките ги чуваат своите заштеди.

Историјата на македонскиот банкарски сектор покажува дека довербата е најскапиот капитал. Таа се гради со години, со милиони вложени средства и со трпение, а може да се изгуби многу побрзо отколку што се стекнува. Затоа секој случај како овој со битолската банка е потсетник дека превенцијата не е административна формалност, туку основна заштита на целиот систем.

Останува отворено прашањето како институциите ќе постапат понатаму и дали ќе извлечат поука од минатото. Доколку повторно се дејствува само откако пожарот ќе избувне, штетата повторно ќе биде голема, а довербата што државата со децении се обидува да ја врати, повторно ќе биде доведена во прашање.