FinPortal.mk

Македонските лекари и стоматолози во Германија со прв научен конгрес во Золинген и планови за соработка со татковината

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Македонските лекари и стоматолози во Германија со прв научен конгрес во Золинген и планови за соработка со татковината

Асоцијацијата на македонски лекари и стоматолози во Германија на 7 ноември во Золинген ќе го одржи својот прв научен конгрес, под мотото „Медицината поврзува 2026 – Интердисциплинарни одлуки и безбедност на пациентите“. Настанот, како што е најавено, треба да ги обедини колегите од различни медицински области, но и да отвори простор за разговор за идните активности и можностите за соработка со здравствените установи во матичната земја.

Според д-р Блашко Димковски, еден од основачите на асоцијацијата, во нивната мрежа денес се поврзани околу 500 колеги од различни области на медицината и стоматологијата, кои се наоѓаат во различни фази од професионалната едукација и кариерата. Тој ја основал асоцијацијата заедно со д-р Борко Иванов и д-р Душко Димитриевски, а иницијативата, како што вели, произлегла од потребата за поврзување на лекарите што својот професионален пат го продолжиле во германскиот здравствен систем.

– Многу од нас ја напуштија родната земја во потрага по подобри услови за професионално усовршување, но тие патишта за никого не беа лесни – вели Димковски. И по интеграцијата во германското општество, додава тој, останале потребата за дружење со колегите и желбата за споделување на искуствата од професионалниот развој. На иницијативата на тројцата основачи ѝ се приклучиле и други лекари и стоматолози.

Мисијата на асоцијацијата, според Димковски, е да им помогне на колегите во професионалниот развој, интеграцијата и секојдневната работа, истовремено негувајќи ја врската со Македонија. За земја што со години се соочува со заминување на медицински кадар, едно од прашањата е како искуството на лекарите во странство може да придонесе и за домашното здравство. Димковски смета дека можностите се во медицинската едукација, научната соработка и размената на современи клинички практики.

Конгресот во Золинген е замислен како прв чекор во таа насока – место каде што лекарите и стоматолозите од различни специјалности ќе разменат искуства, ќе разговараат за интердисциплинарните одлуки и безбедноста на пациентите, но и за тоа како професионалното искуство стекнато во странство да придонесе за медицинската едукација и размената на знаења во Македонија. Со околу 500 поврзани колеги, асоцијацијата се позиционира како мрежа која сака да биде мост меѓу германскиот здравствен систем и здравствените установи во татковината.